Во некои места, стапките на болести се 45 пати поголеми отколку претходните години / Photo: AA

Хуманитарната ситуација во Појасот Газа е многу потешка, соопшти Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА).

Борбите меѓу палестинската група на отпорот, Хамас, и Израел во Газа прекинаа во петок откако стапи на сила договорот за четиридневна хуманитарна пауза.

„Зимата многу брзо се приближува, а во Газа станува постудено. Кожните заболувања и дијареата експоненцијално се зголемија како резултат на нехигиенските услови влошени од дождот“, истакна генералниот комесар на УНРВА, Филип Лазарини, за време на посетата на енклавата.

„Во некои места, стапките на болести се 45 пати поголеми отколку што беше во претходните години“, рече тој.

„Како што реков претходно, само прашање на време е кога луѓето во Газа ќе почнат да умираат поради опсадата и недостатокот на основни потреби, а не само поради бомбардирањето“.

Лазарини го повтори своето барање за долготраен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа.

„На луѓето им треба оддишка, тие заслужуваат мир, заслужуваат да спијат ноќе без да се грижат дали ќе успеат да преживеат“, рече тој.

„Колку подолго трае оваа војна, толку е подлабока поларизацијата, гневот, фрустрацијата и толку подалеку сме од можноста за политичко решение“.

Според договорот, заложниците ќе бидат ослободувани во групи во текот на четирите дена.

Израел започна масовна воена кампања против Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас минатиот месец.

Оттогаш во израелските напади загинаа најмалку 14.854 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, според здравствените власти во енклавата.

AA
Популарни