Чистењето на Појасот Газа од урнатините предизвикани од смртоносната израелска офанзива ќе трае околу 15 години, соопшти во понеделник Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).
„Ќе бидат потребни до 15 години за да се исчистат околу 40 милиони тони воени урнатини во Газа“, соопшти УНРВА, цитирајќи ја проценката на Програмата на ОН за животна средина (УНЕП).
Се вели дека за отстранувањето на воените остатоци во Газа ќе бидат потребни над 100 камиони и ќе чини над 500 милиони евра.
„Отпадот претставува смртоносна закана за луѓето во Појасот Газа бидејќи може да содржи неексплодирани убојни средства и штетни материи“, додаде агенцијата на ОН.
Минатиот месец, израелското армиско радио, цитирајќи воени претставници, рече дека околу 50.000 бомби биле фрлени врз Газа од израелски воени авиони од минатиот 7 октомври, додавајќи дека меѓу 2.000 и 3.000 бомби не експлодирале.
Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 38.700 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 89.000 се повредени.
Повеќе од девет месеци по израелскиот напад, огромни делови од Газа лежат во урнатини среде осакатувачка блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му наложи веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафах, каде што повеќе од 1 милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде нападната на 6 мај.