Јужнокорејските опозициски партии денес поднесоа барање за импичмент на претседателот Јун Сук Јеол во услови на тековната политичка криза во земјата.
Шест опозициски партии го поднесоа предлог-законот за импичмент на Јун до Националното собрание, објави „Јонхап њуз“.
Овој потег следуваше по вчерашниот неуспешен обид на Јун да воведе воена состојба во земјата.
Мнозинството пратеници ја отфрлија одлуката на Јун, принудувајќи го претседателот и неговиот кабинет да ја укинат воената состојба во рок од шест часа.
Пратеник од опозицијата рече дека гласањето за импичмент на Јун може да се одржи веќе в петок или сабота.
Претходно, главната опозициска Демократска партија соопшти дека ќе поднесе обвиненија за предавство против Јун, како и министрите за одбрана и за внатрешни работи, и ќе ги отповика.
Демократската партија има мнозинство во Парламентот со 170 места во 300-членото Национално собрание.
Сепак, за смена на актуелниот претседател им се потребни 22 гласа од помалите опозициски партии и осум од владејачката Партија на народната моќ.
Доколку Јун биде отповикан, тој ќе биде суспендиран од функцијата додека Уставниот суд не одлучи дали да го врати или да го отстрани од функцијата.