Десетици илјади медицински сестри денеска стапија во штрајк во Англија, Велс и Северна Ирска поради спор околу платите во услови на растечките трошоци за живот.
Штрајкот, прв по 106 години, започна во 8 часот и ќе трае до 20 часот. Вториот ден од штрајкот е планиран за 20 декември.
Медицинските сестри во итните служби ќе останат на дежурство, а неургентните служби ќе работат со намален капацитет.
Генералната секретарка на Кралскиот колеџ за медицински сестри (RCN), Пет Кален, изјави дека медицинските сестри не сакале да штрајкуваат, но морале поради ситуацијата со највисокото ниво на инфлација во последните 40 години во земјата.
„Медицинските сестри не го сакаат ова“, порача таа.
„Ние штрајкуваме со тешко срце. Тоа беше тешка одлука која мораа да ја донесат стотици илјади кои почнуваат да го намалуваат својот труд од утре во обид да бидат слушнати, признаени и ценети“, додаде Кален.
„Ова е прв штрајк и е трагично за медицинските сестри, за Кралскиот колеџ за медицински сестри и за Националната здравствена служба. Тоа е неуспех од страна на владите.“
Министерката за здравство, Марија Колфилд, утрово рече дека е неизбежно страдањето на пациентите поради штрајкот на медицинските сестри.
За „Скај њуз“ (SkyNews) Колфилд изјави: „Ние апсолутно го разбираме проблемот околу платите.
Државниот секретар се состана оваа недела со претставници на Кралскиот колеџ за медицински сестри за да разговара за одредени други фактори кои го отежнуваат животот на медицинските сестри на линијата на фронтот.“
Министерката, исто така, рече дека Владата не може да се согласи со зголемување на платите од 19 отсто, што го бараат медицинските сестри, нагласувајќи дека тоа е нереално.
Во Велика Британија со месеци претходно штрајкови имаа железничките работници, поштенските работници, болничарите, карго сервисот и наставниците поради платите, поради притисокот што многу работници го чувствуваат од најтешката криза на растот на животните трошоци во последните децении.