Светските лидери и набљудувачите на изборите фрлија сомнеж во тврдењето на Мадуро за победа и побараа целосно пребројување на гласовите / Photo: AA

Стотици демонстранти излегоа во понеделникoт на улиците на Каракас и другите градови во Венецуеала по победата на претседателот Николас Мадуро на претседателските избори во неделата.

Најмалку едно лице загина, а неколку други се повредени за време на демонстрациите.

На социјалните мрежи кружат видеа од луѓе како ги палат изборните плакати на Мадуро и ја уриваат статуата на претходникот на Мадуро, Уго Чавез.

Други извикуваат „И тој ќе падне, ќе падне и тој, ќе падне оваа влада“, додека некои демонстранти тресат тенџериња и тави во знак на протест.

Улиците и патиштата се блокирани со запалени гуми, а полицијата употребува солзавец за да ги растера демонстрантите кои се приближуваат до палатата Мирафлорес, претседателската резиденција.

Ненајавените протести прво избија во делови на Каракас, а потоа брзо почнаа да се шират низ градот и другите делови на земјата.

Демонстрациите доаѓаат еден ден откако изборната комисија објави дека Мадуро е реизбран за уште еден шестгодишен претседателски мандат со 51 отсто од гласовите, наспроти 44 отсто за опозицискиот лидер Едмундо Гонзалес.

Опозицијата ги отфрли резултатите, тврдејќи дека се лажни. Неколку излезни анкети објавени во текот на денот покажаа победа на опозицискиот кандидат Гонзалес, а изборното тело не ги објави резултатите од избирачките места низ целата земја.

Лидерот на опозицијата Марија Корина Мачадо во понеделникот изјави дека Гонзалес има повеќе од 70 отсто од гласовите.

Светските лидери и набљудувачите на изборите фрлија сомнеж во тврдењето на Мадуро за победа и побараа целосно пребројување на гласовите.

AA
Популарни