Претседателот на Венецуела Николас Мадуро денеска положи заклетва за трет шестгодишен мандат и покрај меѓународните протести поради изборните резултати.
„Се колнам пред Боливар, Сукре, Мануел Саез, пред вечниот спомен на нашиот командант Хуго Чавез... Се колнам пред историјата, се колнам во животот“, рече Мадуро на инаугурацијата.
Додека Мадуро полагаше заклетва, поддржувачите го поздравија со аплауз.
Опозициската лидерка Марија Корина Мачадо, која вчера ги предводеше протестите во Каракас, беше накратко приведена по протестот, што повторно предизвика меѓународна осуда за наводното крадење гласови од Мадуро и заплашувањето на критичарите на неговата влада.
Владата го негираше нејзиното апсење, а според изјавите на сведоците, безбедносните сили го запреа нејзиниот конвој и Мачадо биланасилно одведена.
Опозицијата и меѓународната заедница остро ја осудија неговата изборна победа.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и другите светски лидери го осудија апсењето на Марија Корина Мачадо ѝ ја поддржаа борбата за слобода.
Шпанија и Колумбија, исто така, изразија загриженост за тековното политичко насилство и заплашување на опозицијата во Венецуела.
Врховниот суд на Венецуела во август лани потврди дека Николас Мадуро победил на претседателските избори што се одржаа во таа земја на 28 јули, наведувајќи дека резултатите од гласањето објавени на Интернет, според кои Мадуро изгубил, се фалсификувани.
Врховниот суд ја донесе одлуката како одговор на барањето на Мадуро да се преиспита вкупниот број на гласови на гласачите на претседателските избори на 28 јули, откако опозицијата објави онлајн евиденција за гласање со 80 отсто од избирачките места, според кои убедливо победи кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалес.