Започнаа тридневните претседателски избори во Русија / Photo: AA

Руските гласачи ова утро излегоа на гласачките места, на првите тридневни претседателски избори во историјата на земјата, на кои актуелниот претседател Владимир Путин се бори за својот петти мандат.

Гласањето прво почна во регионите Камчатка и Чукотка, кои се наоѓаат во најисточните делови на Русија.

Изборите во Русија, која има 11 временски зони, ќе траат до недела вечер, кога во 20 часот по локално време ќе бидат затворени последните гласачки места во Калињинград на Балтичкото Море, во руската енклава меѓу Полска и Литванија.

Право на глас имаат 112,3 милиони граѓани, но во таа бројка се вклучени и 4,5 милиони луѓе во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Покрај тоа, право на глас имаат и 2 милиона Руси кои живеат во странство.

Покрај актуелниот претседател Владимир Путин, на изборите учествуваат и претседателот на Либерално-демократската партија на Русија, Леонид Слуцки, кандидатот на Комунистичката партија, Николај Харитонов и кандидатот на партијата Нови луѓе, Владислав Даванков.

Новоизбраниот претседател ќе остане на функција шест години.

Доколку Путин повторно победи на изборите, тоа ќе биде негов петти мандат на функцијата претседател на Русија.

Изборите во Русија се одржуваат во сенка на руско-украинската војна што започна во февруари 2022 година.

Резултатите од претседателските избори би требало да бидат објавени најдоцна до 28 март.

AA
Популарни