Уништување живина заразена со птичји грип     Фото: Reuters

Авијарната инфлуенца или позната како птичји грип се очекува оваа зима да земе поголем замав, засилувајќи ја епидемијата која ги погодува птиците, а која започна минатата година. Засега здравствените власти во Европа сметаат дека опасноста врз луѓето е минимална бидејќи досега сите регистрирани случаи на пренос на болеста врз луѓе поминале без симптоми или со послаби последици.

Досега не е регистриран ниту еден случај на пренос на птичјиот грип од човек на човек, но од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) порачуваат дека тие што работат во животинскиот сектор се изложени на зголемен ризик од изложеност на заразата.

„Од витално значење е лекарите, лабораториските експерти и здравствените експерти, како од животинскиот така и од човечкиот сектор, да соработуваат и да одржуваат координиран пристап. Потребна е будност за да се идентификуваат инфекциите со вируси на грип што е можно порано и да се информираат за проценките на ризикот и активностите за јавното здравје“, порача Андреа Амон директорката на ЕЦДЦ.

Во опасност и домашните птици

Во 37 земји низ Европа се регистрирани случаи на птичји грип, а епидемијата на авијарната инфлуенца ја има и во САД и Азија, па дури забележан е и помор на диви и морски птици.

Ширењето на птичјиот грип веќе доведе до организирано уништување на 48 милиони птици низ Европа. Агенциите за храна и ветерина препорачуваат засилени мерки на претпазливост за живинарските фарми, но и за сопствениците на домашни птици.

Се верува дека птичјиот грип е резултат на масовното одгледување живина на фармите во Кина кон крајот на 90-тите години од минатиот век кога заразата излегува од контрола и се шири поминувајќи низ повеќе мутации.

Птичјиот грип се пренесува и со миграцијата на птиците па така подолгото задржување на дивите птици низ Европа во наредниот период може да предизвика ширење на епидемијата.

TRT Balkan
Популарни