Епидемијата предизвикана во Кина од „XBB“ - Омикрон подваријантата на КОВИД-19 се очекува да достигне врв со 11 милиони заразени неделно во јуни.
Во анализата објавена од истражувачката компанија за здравствени податоци и анализи „Ерфинити“, со седиште во Лондон, се проценува дека епидемијата ќе влијае врз вкупно 112 милиони луѓе.
Новиот епидемиски бран има поограничено ширење во споредба со епидемијата во која во зимските месеци беа заразени повеќе од 1 милијарда луѓе.
„Ерфинити“ предвидува дека епидемијата ќе достигне врв со 11 милиони случаи неделно на почетокот на јуни, што е една петтина од предвидувањето на кинескиот специјалист за респираторни болести Конг Наншан, кој пред некое време предвиде дека епидемијата ќе зафати 65 милиони случаи неделно.
Се смета дека разликата меѓу двете процени се должи на фактот дека случаите кај кои не се покажуваат знаци на болест во моделот на „Ерфинити“ не се вклучени во вкупниот број.
Од друга страна, „Ерфинити“ предвидува дека овој бран на зараза ќе предизвика 629.000 смртни случаи. Според процените на оваа компанија, помеѓу 1,3 и 2,1 милиони луѓе починале во големиот бран на епидемијата во зимските месеци.
Бранови на „реинфекција“
Бидејќи Кина ги укина таканаречените мерки за контрола и превенција на епидемијата „Нула КОВИД“ и усвои стратегија за живеење со вирусот, се очекуваат повеќе бранови на „повторни инфекции“.
Епидемиологот за КОВИД-19 на „Ерфинити“, д-р Тишја Венкатраман, истакна дека големиот епидемиски бран што Кина го доживеа пред шест месеци обезбедил природен имунитет од широки размери, и во исто време постигнат е голем напредок и во вакцинацијата, таа додаде дека „и покрај влијанието на XBB - Омикрон подваријантата на КОВИД-19, очекуваме помал и поумерен втор бран во Кина“.
Посочувајќи дека болниците и мртовечниците не се многу пополнети како што беше случај во зимата, Венкатраман рече: „Иако тековниот бран е помал, сепак може да предизвика големи човечки загуби поради зголемената стара популација во Кина. Тоа го видовме во последниот бран што ја зафати Јапонија. И покрај високата стапка на вакцинација и стекнатиот имунитет од претходните бранови, сепак имаше голем број човечки загуби.“
Официјалните бројки не ја одразуваат епидемиската слика
Нема официјални податоци од последниот бран на епидемијата во Кина. Центарот за контрола и превенција на болести престана да известува за неделни позитивни тестови и прием во клиниките, откако Светската здравствена организација (СЗО) на почетокот на мај објави дека КОВИД-19 нема да се смета за „глобална здравствена итна состојба“.
Во меѓувреме, Центарот, кој продолжува редовно да ја информира СЗО, објави дека во неделата од 21 до 28 мај низ целата земја биле откриени 5.621 случаи на зараза.
Со оглед на тоа што во земјата повеќе не се прават масовни тестови, се смета дека бројките не ја одразуваат епидемиската слика.
Од почетокот на епидемијата на КОВИД-19 во Кина, каде што важеше протоколот за „Нула КОВИД“, според кој имаше затворање од широки размери, карантин и ограничувања за патување, со наглото укинување на мерките за контрола на епидемијата на 7 декември 2022 година, дојде до брзо ширење на заразата и земјата се соочи со најголемото масовно ширење што досега е видено.
Се проценува дека повеќе од 1 милијарда луѓе, кои сочинуваат околу 80 отсто од населението, биле заразени од епидемискиот бран во зимските месеци.