За муслиманите, Ал Акса е третото најважно светилиште, а Евреите тврдат дека порано на тоа место имало два еврејски храма / Photo: AA

Денес околу 120.000 Палестинци ја извршија втората петочна молитва (џума намаз) во овогодинешниот месец на постот Рамазан, во џамијата Ал Акса, сместена во окупираниот Источен Ерусалим (Ал-Кудс) и покрај израелските ограничувања.

Десетици илјади Палестинци од раните утрински часови ги поминаа воените контролни пунктови меѓу Западниот Брег и Ал Кудс и се упатија кон Ал Акса. По неколкучасовно патување, Палестинците пеш стигнаа до Ал Акса и таму ја извршија петочната молитва.

Администрацијата на исламските вакафи во Ал-Кудс соопшти дека 120.000 Палестинци ја извршиле петочната молитва.

Израелската полиција од утринава е стационирана во близина на Ал Акса, каде со железни бариери ги затвори патиштата околу Стариот град.

Израелската полиција, која го проверуваше идентитетот на Палестинците кои сакаа да одат во Ал Акса за петочната молитва, на многумина не дозволи да влезат во ова свето место.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека израелските сили не им дозволиле на медицинските тимови да влезат во џамијата Ал Акса.

Израел го ограничи пристапот на палестинските верници до џамијата Ал Акса по зголемените тензии низ окупираниот Западен Брег поради нападите на израелската Армија врз Појасот Газа, во кои досега се убиени речиси 32.000 Палестинци.

За муслиманите, Ал Акса е третото најважно светилиште, а Евреите тврдат дека порано на тоа место имало два еврејски храма.

Комплексот Ал Акса, кој зафаќа 15 отсто од областа на старото јадро на Ал-Кудс (Ерусалим), е под израелска окупација, а претставува точка на соединување на трите најголеми религии во светот.

Израел го окупираше источниот дел на Ал-Кудс, каде што се наоѓа Ал Акса, за време на арапско-израелската војна во 1967 година. По окупацијата, го анектираше целиот град во 1980 година, а меѓународната заедница никогаш не ја призна оваа акција.

AA
Популарни