Над 120 лица беа приведени синоќа поради, како што го нарекоа француските пратеници „расистичко насилство“ во Париз и низ другите француски градови, по победата на Франција во полуфиналето на Светското првенство против Мароко.
Околу 10.000 полицајци беа мобилизирани низ Франција поради стравување од можни немири, од кои 5.000 само за Париз и околината.
И покрај мерките, мароканските навивачи се соочија со вербални и физички напади од одредени екстремно десничарски групи откако низ земјата започна прославувањето по победата на Франција против Мароко со резултат 2:0.
„Најмалку 115 луѓе се приведени во Париз и неговите околни подрачја“, објавија локалните медиуми.
Меѓу нив и 40 лица од екстремната десница кои се обидувале да стигнат до Елисејските полиња, најфреквентното место во главниот град кое било преполно со фудбалски навивачи.
Насилство е пријавено и во поголемите градови како Лион, Ница и Монпеље.
Најмалку шест лица, меѓу кои и двајца членови на десничарска група, се приведени по тепачка меѓу ривалски навивачи во Лион, според јавувањата.
Францускиот пратеник Томас Порте ги осуди „планираните напади“ и „расистичкото насилство“ врз мароканските навивачи.
„Блиску сме до трагедија. Мора да реагираме“, напиша тој на Твитер.
Пратеникот Антоан Леумент напиша дека „фашистите..., извикувајќи расистички слогани, ги нападнаа мароканските навивачи во Ница“.
„Расизмот е кривично дело“, истакна тој во твитот, повикувајќи сторителите да бидат казнети според францускиот закон.