Во градот Гронинген, во Холандија, на улица се изложени 16.000 пара чевли, кои ги симболизираат децата од Газа што беа убиени од израелските сили во бруталните напади што траат речиси десет месеци.
Стотици граѓани присуствуваа на настанот каде што учесниците изложија детски чевли во чест на убиените палестински деца. Собирот го организираше фондацијата „Засади маслиново дрво“, а беа собрани вкупно 16.000 пара чевли, што ја претставува бројката на досега убиени деца во Газа.
Според Естер ван дер Мост, директорка на фондацијата, реалниот број на убиени деца во Газа е многу поголем од „регистрираниот“.
Покрај паровите чевли, има и по само еден чевел што ги претставува децата што ги загубија екстремитетите во израелските напади. За време на настанот на глас беа прочитани имињата на убиените палестински деца.
Настанот започна точно напладне, а меѓу првите учесници беше Глимина Чакор, член на Претставничкиот дом на Холандија. Подоцна попладнето имињата на децата ги прочитаа и актерот Мадс Витерманс, поранешниот амбасадор Ерик Адер и активистот за правата на животните Лени Харт.
Ван дер Мост истакна дека целта на настанот е да се покани холандската јавност да „направи нешто и да им оддаде почит на децата во Газа“.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Повеќе од 38.950 Палестинци се убиени, а повеќе од 89.700 се повредени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега. Повеќе од девет месеци по почетокот на израелските напади големи делови од Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се наложи веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде нападнат на 6 мај.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.