Гласачките места низ Иран беа отворени утрово за вториот круг на претседателските избори, прв во повеќе од 19 години, на кои реформистите ќе се обидат да ја освојат власта.
Двајца кандидати, Масуд Пезешкијан, пратеник од реформистите и поранешен министер за здравство, и Саид Џалили, од конзервативците, поранешен главен преговарач за нуклеарно оружје и секретар на Врховниот совет за национална безбедност, се борат за претседателската функција.
Пезешкијан и Џалили излегоа како фаворити на предвремените претседателски избори на 28 јуни, но не успеаја да обезбедат 50 отсто плус еден глас потребни за целосна победа.
Гласачките места низ земјата беа отворени за гласачите денес во 8 часот по локално време. Гласањето ќе трае до 18 часот по локално време.
Предвидениот 10-часовен процес на гласање најверојатно ќе биде продолжен од Министерството за внатрешни работи, кое раководи со изборите, со цел гласање на повеќе гласачи.
На предвремените претседателски избори на 28 јуни гласањето беше продолжено трипати и заврши на полноќ, но одѕивот на гласачите и покрај тоа беше најнизок од Иранската револуција во 1979 година, со 40 отсто.
Според официјалните податоци, право на глас на годинашните претседателски избори имаат околу 61 милион луѓе. На изборите во 2021 година право на глас имаа 59,3 милиони луѓе.
Околу 10 милиони Иранци кои живеат во странство имаат право да го дадат својот глас на денешните предвремени избори на 344 одредени избирачки места во различни земји.
На изборите на 28 јуни, според изборната комисија, во странство имало 97.967 гласа. Канадската Влада не дозволи поставување гласачки места.
Вкупно 58.640 избирачки места ќе го олеснат процесот на гласање во вториот круг од изборите во Иран, слично на претходниот круг, а над 6.000 од нив се наоѓаат во главниот град Техеран.
Броењето на гласачките ливчиња ќе започне веднаш по затворањето на гласањето, а Министерството за внатрешни работи ќе ги објавува резултатите етапно до објавување на конечните резултати утре наутро.
Повеќето анкети, вклучително и таа од иранската водечка агенција за социолошки истражувања, пред вториот круг избори покажаа дека Пезешкијан има предност пред противникот од конзервативците.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во изјавата во средата повика на поголемо учество во вториот круг на гласање, опишувајќи го одѕивот на гласачите како „'рбетот“ на Исламската Република.
Според експертите, 60 отсто од гласачите што не излегоа на изборите на 28 јуни може да се покажат како одлучувачки во одредувањето на конечниот исход доколку излезат да гласаат.