Најмалку пет лица загинаа, а 28 други се повредени од пукање во близина на џамија во главниот град на Оман, Мускат, соопшти полицијата.
Во полициското соопштение се наведува дека тројца напаѓачи и еден полицаец биле убиени во нападот што се случил во областа Вади ал Кабир.
Покрената е истрага за околностите на пукањето, се вели во соопштението. Не беа соопштени детали за идентитетот на жртвите.
Меѓутоа, пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека во нападот загинале четворица Пакистанци.
„Остро го осудуваме овој кукавички напад и убиството на муслиманите во светиот месец Мухарам“, изјави пакистанскиот министер за надворешни работи Мухамед Ишак Дар.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, исто така, изрази „длабоко жалење“ поради „терористичкиот напад“ во Оман. „Моето срце е со семејствата на жртвите“, рече Шариф, додавајќи дека Исламабад „се солидаризира со султанатот на Оман и нуди целосна помош во истрагата“.