Врховниот суд на Венецуела денеска потврди дека Николас Мадуро победил на претседателските избори што се одржаа во таа земја на 28 јули, наведувајќи дека резултатите од гласањето објавени на Интернет, според кои Мадуро изгубил, се фалсификувани.
Врховниот суд денеска ја донесе одлуката како одговор на барањето на Мадуро да се преиспита вкупниот број на гласови на гласачите на претседателските избори на 28 јули, откако опозицијата објави онлајн евиденција за гласање со 80 отсто од избирачките места, според кои убедливо победи кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалес.
Гонзалес не учествуваше во ревизијата на гласањето, изјавија судиите на Врховниот суд, кои го обвинија опозицискиот кандидат дека се обидува да шири паника, пренесе АП.
САД подготвија список од околу 60 венецуелски владини функционери и членови на нивните семејства кои би можеле да бидат погодени од првите казнени мерки по спорните претседателски избори во јужноамериканската земја, потврдија во средата два неименувани извори за Ројтерс.
Во предложената листа има функционери од Националниот изборен совет (ЦНЕ), Врховниот суд и контраразузнавачката служба на Венецуела, кои учествувале во предизвикување хаос по изборите, велат извори на британската агенција.
Изминатите денови американското Министерство за финансии достави до Стејт департментот нацрт санкции со список на санкционирани, со напомена дека може да се зголеми бројот на лица кои ќе подлежат на кривични мерки.
Американските санкции ќе вклучуваат забрана за патување на санкционираните функционери и членовите на нивните семејства и забрана за американските компании да имаат бизнис со нив.
ЦНЕ го прогласи актуелниот претседател Николас Мадуро за победник на изборите на 28 јули без да ги објави резултатите од гласањето од поединечни избирачки места.
Врховниот суд на Венецуела почна да ги разгледува изборните резултати овој месец.
САД и другите земји ги оспорија тврдењата на Мадуро за победа на изборите.
Победа прогласи и неговиот противкандидат Едмундо Гонзалес, а резултатите врз основа на повеќе од 80 отсто од преброените гласови што ги објави опозицијата покажуваат убедлива победа на кандидатот на опозицијата кој, како што тврди опозицијата, добил околу 67 отсто поддршка.