Зависноста од онлајн обложувалниците штетна за младите во Нигерија     Фото: AP

Петер Онејема имал 15 години кога почнал активно да се обложува онлајн. Сега се бори против зависноста.

“Додека имам пари ќе ги префрлам на мојата сметка за онлајн обложување, ќе ги одбирам најдобрите игри по моја процена и ќе играм. Престанувам дури кога ќе останам без средства, но тоа трае само неколку денови. Тоа е лошо”, изјави Онејема за ТРТ.

Речиси во секоја улица во нигерискиот град Енугу постои обложувалница. За разлика од другите објекти, во обложувалниците струјата никогаш не е во прекин. Најголем дел од обложувалниците не се потпираат на несигурното напојување од државата и имаат свои генератори на бензин. Голем број млади луѓе, главно тинејџери седат во обложувалниците со очите вперени во компјутерите и телевизорите. Се обложуваат и гледаат дали биле добри во прогнозите.

Калу Укпал исто така е постојан клиент. Тој неодамна дипломира на Унивезрзитетот во Нигерија. Вели дека почнал да се обложува во 2017 година, додека бил на трета година од студиите.

“Почнав да се обложувам бидејќи чувствував дека го познавам фудбалот, но тоа ми стана секојдневна навика. Ако некој сега ми прати 4 долари сигурно еден од нив ќе искористам за онлајн обложување”, вели Укпал кој на обложување месечно троши околу 48 долари.

Петер и Калу не се единствени. Според извештаите на новинската агенција на Нигерија околу 60 милиони Нигеријци активно се обложуваат. Тие заедно трошат 5,5 милиони долари секој ден. Тоа се 2 милијарди долари годишно. Друг извештај открива дека Нигеријците кои се обложуваат се мажи меѓу 18 и 40 години. Од нив 50 отсто се обложуваат секој ден. Скриената зависност од онлајн обложувањето постои кај младите, но никој не говори за тоа.

Променета перспектива

Коцкањето не е новост во Нигерија. Постоело и во деведесетите години пред појавата на Интернетот. Со Интернетот обложувањето стана подостапно и полесно за младите. Најстарата онлајн обложувалница во Нигерија е од 2013 година.

Младите можат да се обложуваат директно во обложувалниците и на домашни или меѓународни интернет страници.

Голем придонес за влијанието на онлајн обложувањето кај младите имаат и познатите личности. На пример фудбалерот Џеј-Џеј Окоча беше амбасадор за Бет Кинг (бренд на обложувалници), а Бет Веј беше спонзор на реалното шоу Големиот брат.

Она што најмногу ги привлекува обложувачите кај онлајн обложувањето е можноста за брза заработка. Некои го оправдуваат ваквиот начин на размислување со оглед на фактот дека стапката на невработеност е 33 отсто, а државата скоро излезе од рецесија.

Креирањето сметка на било која платформа трае неколку минути, а интеграцијата со нигериските банки исто така е беспрекорна.

Последици од онлајн обложувањето

Зависноста од онлајн обложувањето не е без последици. За тоа најмногу говорат финансиските загуби. Обложувачите скоро секогаш се банкротирани. Тоа пак влијае на нивноот однос со блиските и пријателите.

Според доктор Тајватајо Ласебикан од федералната невропсихијатриска болница во Лагос, зависноста од обложување е ментална болест со потенцијално големи физички и психички последици.

“Кога ќе сакам да престанам се враќам појак. Можев да бидам со моите пријатели и да смислам стратегија за да заработам пари. Мислам дека сум зависен од онлајн обложувањето. Знам дека сум”, вели Калу.

TRT World
Популарни