Заврши ерата на оловниот бензин     Фото: АА

Употребата на оловен бензин е искоренета во целиот свет. Тоа е пресвртница што ќе спречи повеќе од 1,2 милиони прерани смртни случаи и ќе им спаси на светските економии повеќе од 2,4 милијарди долари годишно, соопшти Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП).

„Кога бензинските пумпи во Алжир престанаа да обезбедуваат оловен бензин, употребата на оловен бензин заврши глобално. Ваквиот развој следуваше по речиси дведецениската кампања на глобалното партнерство за чисти горива и возила (PCFV)”, објави УНЕП.

Гутереш: Светот се ослободи од оловниот бензин


Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на социјалната мрежа Твитер, напиша дека се слави кулминацијата на глобалните, децениски напори, светот да се ослободи од оловниот бензин.

„Ова достигнување ќе спречи повеќе од 1 милион предвремени смртни случаи секоја година и ќе ги заштити децата од изложеност на олово. Да продолжиме да градиме почиста, зелена иднина за сите”, нагласи Гутереш во објавата.


Пресвртница за глобалното здравје

„Успешното спроведување на забраната за оловен бензин е огромна пресвртница за глобалното здравје и нашата животна средина“, истакна Ингер Андерсен, извршен директор на УНЕП во Најроби.


УНЕП потсетува дека оловниот бензин се користеше во повеќе од 100 земји пред две децени, и покрај студиите што го поврзуваа со прерана смрт, влошување на здравјето и загадување на воздухот и почвата.

Во 1924 година се појави првата загриженост, кога неколкумина работници беа хоспитализирани, а петмина почина во рафинерија која ја водеше американскиот Стандард Оил.


До 1970-тите години, речиси целиот бензин кој се продаваше на глобално ниво содржеше олово.

Во 2002 година, кога УНЕП ја започна кампањата за искоренување на оловниот бензин, големите економски сили престанаа да го користат горивото. Меѓу нив се вбројуваат САД, Кина и Индија. Сепак, ситуацијата во земјите со пониски приходи не се смени. Откако Северна Кореја, Мјанмар и Авганистан престанаа да продаваат оловен бензин во 2016 година, оттогаш беше достапен во неколу земји.

По Ирак и Јемен, Алжир беше последната држава што ја прекина употребата на оловниот бензин.

TRT Balkan
Популарни