Групата на држави БРИКС во вторник ќе одржи вонреден заеднички состанок на кој ќе разговара за ситуацијата во Газа и шестнеделната војна меѓу Израел и палестинската група Хамас.
Според соопштението од БРИКС, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса ќе претседава со виртуелниот состанок на кој ќе присуствуваат и лидерите на Бразил, Русија, Индија и Кина.
Кинеското Министерство за надворешни работи потврди дека претседателот Си Џинпинг ќе присуствува на виртуелниот самит.
Новите членки во БРИКС чие полноправно членство започнува следната година- Саудиска Арабија, Аргентина, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, исто така се поканети да се приклучат на состанокот.
На самитот ќе учествува и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на кој лидерите ќе дадат изјави за актуелниот став на нивните држави за хуманитарната криза во Газа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Властите во Газа во понеделникот соопштија дека бројот на жртвите од тековните израелски напади врз енклавата од 7 октомври се искачи на над 13.300.
Во соопштението, канцеларијата за медиуми на владата со седиште во Газа рече дека ова вклучува 5.600 деца и 3.550 жени, како
и 201 медицински персонал, 22 членови на спасувачки тимови за цивилна одбрана и 60 новинари.
Во меѓувреме, бројот на загинати во Израел е околу 1.200, според официјалните бројки.