Британските земјоделци денеска ги блокираа улиците во центарот на Лондон со стотици трактори за да го изразат својот протест против новите мерки на владата во Лондон, со кои се прекина ослободувањето на земјоделските домаќинства од данок на наследство.
На владата и требаат нови приходи за да ги финансира јавните услуги, но критичарите велат дека мерката, наречена „данок на трактори“, ќе ги уништи фармите и ќе го намали производството на храна.
Тие демонстрираа држејќи табли со натписи „Без земјоделство нема храна и нема иднина“ и изјавија дека нивните приходи се намалуваат во последните години поради евтиниот увоз од странство и намалувањето на субвенциите по Брегзит.
Наследството на земјоделските домаќинства во Велика Брианија не се оданочува со години, но новата влада неодамна рече дека тоа ќе се промени од 2026 година.
Следеа протести во повеќе области на Британија, а најголем беше во средината на ноември во Вестминстер, на кои беа собрани 13.000 луѓе, меѓу кои и познатиот телевизиски водител Џереми Кларксон.
Владата постојано изјавува дека нема да отстапи по ова прашање, но министерот за животна средина Стив Рид најави помош за руралните области во земјата.