Силниот доказ за дискриминација при вработување на муслиманките кои носат хиџаб во Холандија и Германија е објавен во академската статија во списанието „European Sociological Review“.
Според опсежниот експеримент на терен, очигледната дискриминација генерално се случувала кога работата барала директен контакт со клиентите и купувачите.
Истражувачите исто така откриле дека жените кои носат шамија во Шпанија биле помалку дискриминирани во споредба со Холандија и Германија.
Трите истражувачки, Марина Фернандез-Реино, Валентина ди Стасио и Сузан Веит, истражуваа дали работодавците ги дискриминирале сите муслимански кандидатки (со шамија или без шамија) или само оние кои се придржувале до муслиманските верски практики како што се носењето хиџаб, односно шамија.
Тие избрале група кандидати и за секој поднеле по две пријави за работа. Едната апликација е приложена со фотографија со хиџаб, а другата без хиџаб. Верската припадност на муслиманките без шамија е сигнализирана преку нивните волонтерски активности во верски центар.
Огласите за работа варираа од фризерки и продавачки до рецепционерки и продажни претставнички - занимања кои бараат висок степен на директен контакт со клиентите.
Избраните професии се разликуваат според степенот на образование, а готвачите, продавачите и фризерите генерално бараат пониски квалификации од останатите професии во сите три земји.
Во Холандија речиси 70 отсто од пријавите за работа кои вклучуваа фотографија од жена без шамија добија позитивен одговор за работните места за кои е потребен поголем контакт со клиентите. Меѓутоа, за барањата со фотографии на женски лица со шамија, стапката на позитивен одговор беше 35 отсто.
„Високото ниво на дискриминација што го затекнавме во Холандија, каде што институционалниот контекст традиционално беше отворен кон правата на верските малцинства, е особено изненадувачки и укажува на можно стигматизирачко влијание на неодамнешните политики насочени кон културната асимилација на имигрантите“, истакнаа истражувачите.
Теренскиот експеримент во Германија даде слични резултати. Додека 53 отсто од муслиманките со шамии добија позитивни повратни информации од работодавците, само околу 25 отсто од жените со шамии добија одговори за работните места.
Во Шпанија, меѓутоа, нивото на дискриминација на муслиманките кои носат шамија не беше статистички значајно.
Резултатите од последните истражувања се комплементарни на некои студии кои укажуваат на тоа дека муслиманките со шамија биле во неповолна положба на пазарот на трудот.
Истражувањето што го спроведе Дорис Вајхзелбојмер од Универзитетот „Корнел“ во 2019 година покажа дека во Германија не само жените кои носат шамии, туку и жените со имиња што имплицираат имигрантско потекло, исто така се соочуваат со дискриминација.
Стапката на повик на интервју за работа на истиот кандидат со германско име и објавена фотографија е 18,8 отсто, додека процентот кај кандидатките со турско име изнесувал 13,5 отсто.
Комбинацијата на турско име и шамија се покажа како најдискриминиран дел меѓу сите апликации бидејќи стапката на повик на интервју изнесувала само 4,2 отсто.
Најновата студија што ја објави списанието „European Sociological Review“ наведува дека муслиманските кандидати кои носат верска облека исто така може да бидат неправедно третирани на разговорите за работни места кои не бараат личен контакт со клиенти.
Истражувачите потенцираа дека работодавците генерално покажуваат аверзија кон каков било вид верска облека, вклучително и онаа што ја носат мажите.