Со програма извонредно богата со музичари, но и со музички стилови заврши 42. издание на Скопскиот џез фестивал. Завршната вечер на фестицалот имаше три концертни настапи.
Најрпрвин, во Националната опера и балет, триото Златко Каучич/Бери Гај/Агусти Фернандез, потоа 18-члениот скандинавски „Суперсоник Оркестра“ на Гард Нилсен, а во МКЦ, публиката уживаше во афробразилските звуци на многубројниот бенд од Сао Паоло, „Биксига 70“.
Вечерта ја отвори триото Златко Каучич/Бери Гај/Агусти Фернандез, за кои директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета рече дека се „европски великани и ветерани на џезот.“
Каучич е плоден композитор, тапанар и уметник во слободен стил. Бери Гај е иновативен басист и композитор чијашто креативна разновидност во областа на џез импровизацијата, камерната и оркестарската изведба, како и соло рециталите, е резултат на страста за експериментирање и идеалот за музичка комуникација. Агусти Фернандез е еден од ретките шпански музичари со висок интернационален рејтинг и светска референца во областа на импровизираната музика.
Вториот концерт во Националната опера и балет беше воедно и вториот ексклузивитет во богатата програма на 42. Скопски џез фестивал: многубројната скандинавска екипа која во последниве три години го освои светот и е „привилегија” на најквалитетните и најелитните европски џез фестивaли – „Суперсоник Оркестра“ на Гард Нилсен. Вистински „дрим-тим”, во кој се наоѓаат 18 големи имиња на скандинавскиот џез, сите поединечно силни лидери на бендови и импровизатори од светска класа. Музиката е енергична, сугестивна, динамична, креативна и експлозивна, инспирирана од Орнет Колман, Фела Кути, Сан Ра, Алис Колтрејн, Дјук Елингтон, Луис Мохоло и Кертис Мејфилд. Слободна музика, полна со децибели, а сепак мелодична и експресивна.
Годинешното фестивалско издание го затвори еден од најпознатите, највозбудливите и највлијателните експоненти на современиот афро-бразилски звук денес – Биксига 70. Тие умешно ги вткајуваат бразилските влијанија во својот звук, создавајќи уникатно и моќно музичко искуство. На завршниот концерт на 42. Скопски џез фестивал, експлозивните Бразилци го претставија својот најнов, штотуку објавен, петти по ред албум „Vapor” (Glitterbeat Records).
За потсетување, овогодинешниот фестивал се отвори со премиерна изведба на делото за оркестар „По големиот пожар“ (After the Wildfire) од норвешките џез ѕвезди Арве Хенриксен, Јан Банг и Ингар Зак, под диригентство на Џијан Емин.
На Скопскиот џез фестивал, кој траеше од 19 до 22 октомври, настапија вкупно 11 светски етаблирани состави од САД, Европа, Бразил и Северна Македонија, кои ја претставија својата музика.
Скопскиот џез фестивал е една од водечките културни манифестации што се организираат во Северна Македонија, со традиција од 42 последователни години и со призната репутација во Европа и во светот.
Овој фестивал воедно се вбројува и меѓу водечките џез фестивали во Европа. Фестивалот, кој е член на престижната асоцијација „Европска џез мрежа“, за првпат беше организиран во далечната 1982 година.