Дигитална платформа „Самоглас“- Аудио книгите враќаат назад во детството / Photo: Скриншот од веб-страницата на Самоглас

Првата дигитална платформа за аудио книги на македонски јазик, „Самоглас“ веќе 4 години успешно обработува разновидна литература за деца и возрасни.

Идејата за создавање на ваква платформа била да се поттикнат младите повеќе да се интересираат за литературата, како и да ја зголемат својата читачката навика и да внесат позитивна енергија во своето секојдневие.

Аудио книгите се и интересно и возбудливо искуство и знаат да не вратат назад во детството.

Основачи на дигиталната платформа „Самоглас“ се дипломираните актери Ангела Стојановска, Христијан Поп-Симонов и Васко Костовски.

Тие за ТРТ Балкан велат дека на платформата која веќе има и своја апликација, може бесплатно да се регистрираат сите оние кои се заинтересирани и сакаат да слушаат аудио книги.

Дигитална платформа „Самоглас“- Аудио книгите враќаат назад во детството Europe House

„Самоглас во моментот бележи речиси 14.300 регистрирани корисници. Првата аудио книга ни беше „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери која според некои наши проценки на старосните групи на слушателите е и најслушната книга“, изјави за ТРТ Балкан Христијан Поп-Симонов, еден од основачите на „Самоглас“.

Покрај бенефитите за младите лице, аудио книгите се и неопходен ресурс за слепите и лицата со оштетен вид како и за лицата со дислексија, бидејќи токму овој формат на книги го подобрува говорот, концентрацијата и памтењето.

„Со поддршка од Здружението за дислексија Ајнштајн го имплементиравме фонтот кој им го олеснува читањето. Што е практично едно копче кое можеш да го вклучиш на нашата платформа. Пред некоја година направивме нешто што ние го викаме „оптимизација на Самоглас“. Во текот на градењето на платформата, секако ги имавме на ум потребите на слепите и слабовидни лица, да навигираат низ истата, но имаше некои ситници кои не беа доработени. Во текот на нашата оптимизација, платформата ја прилагдивме на електронските читачи кои слепите лица ги користат“, вели во разговор за ТРТ Балкан Ангела Стојановска.

Дигитална платформа „Самоглас“- Аудио книгите враќаат назад во детството Europe House

За „Самоглас“ да може да постои и развива потребна е добра организираност и внимателно избрани литературни дела но и актери кои би им биле интересни на сите слушатели. Како што велат основачите на платформата главниот фокус при изборорт на книги се младите, односно што би сакале тие да слушаат.

„Најчесто книгите ги добиваме од издавачките куќи со кои соработуваме, или пак со самите автори, така што изборот на литературата останува на нив. Но, исто така, работиме на проекти каде што ние самите одбираме каква литература ќе понудиме на слушателите“, истакна Васко Костовски.

Како што додаде Костовски, во моментов „Самоглас“ се фокусира на аудиодрамите и од неодамна на платформата објавени се три аудиодрами од Горан Стефановски, кои биле финансирани од Министерството за култура и Јуроп Хаус Скопје.

Во изминатите четири години на „Самоглас“ својот глас го имаат позајмено над 80 наратори, меѓу кои мнозинството се професионални актери.

TRT Balkan
Популарни