Според листата на УНЕСКО, во светот постојат околу 95.000 музеи, што е 60 отсто повеќе отколку во 2012 година.     Фото: ТРТ Балкан

Колку музеи има во светот и која земја има највеќе музеи на милион жители? Ова е прашањето на кое има одговор Организацијата за наука, образование и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), која истражувајќи го влијанието на пандемијата од коронавирусот врз музеите, помеѓу другото, направи листа на сите музејски институции во светот.

Според листата на УНЕСКО, во светот постојат околу 95.000 музеи, што е 60 отсто повеќе отколку во 2012 година. Интересно е што повеќето се наоѓаат на европскиот континент.

Најголем број музеи во однос на бројот на жителите имаат таканаречените микродржави, кои имаат многу мал број на жители, најчесто под еден милион.

Па така, прва на листата е Ниуе, островска држава во Океанија, која според статистиката на УНЕСКО има 625 музеи на милион жители иако реално во земјата нема ниту толку музеи, ниту толку жители.

На второ место е Андора со 324,7 музеи на милион жители, Сан Марино е на третата позиција (323,5), потоа следуваат Монако (256,4) и Исланд (192,6).

Колку музеи на милион жители имаат земјите во регионот?

На шестото место се наоѓа Црна Гора, држава која според евиденцијата на УНЕСКО има 620.000 жители и има вкупно 99 музеи. Тоа значи дека Црна Гора би имала 159,2 музеи на милион жители.

Податоците покажуваат дека Хрватска има вкупно 287 музеи или 70,2 музеи на милион жители. Словенија има 45 музеи на милион жители, Албанија 28,6 музеи на милион жители., а Србија има 20,6 музеи на милион жители.

Босна и Херцеговина и Северна Македонија спаѓаат во групата земји со најмал број на музеи на милион жители. Северна Македонија има вкупно 26 музеи или 12,5 на милион жители, додека Босна и Херцеговина има 9,6 музеи на милион жители, а вкупно 32 музеи.

Што една институција ја прави музеј?

Меѓународниот совет на музеи (ICOM), организацијата во рамките на УНЕСКО која постои 76 години, а која е посветена на музеи на целиот свет, по долга дебата, неодамна ја објави официјалната дефиниција за тоа што некоја институција ја прави музеј.

Според дефиницијата, Музеј е непрофитна, трајна институција во служба на општеството која собира, конзервира, интерпретира и го изложува материјалното и нематеријалното наследство.

„Музеите се отворени за јавноста, достапни и инклузивни, негувајќи го диверзитетот и одржливоста. Функционираат и комуницираат етички, професионално и со учество на заедниците, нудејќи различни искуства за образование, уживање, размислување и споделување на знаење“, соопштија од Меѓународниот совет на музеи.

TRT Balkan
Популарни