Награда од публиката и специјална награда од жирито за креативна визија, се двете награди кои ги доби филмот „Диџеј Ахмет“ на македонскиот режисер и сценарист Георги Унковски на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, во Јута, во Соединетите Американски Држави.
„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, заедницата и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.
„Диџеј Ахмет“ се снимаше минатата година во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот „Диџеј Ахмет“ беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.
„Санденс“ - најголемиот американски фестивал на независен филм, основан е од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд.