Академијата за филмски уметности и науки двапати ги одложуваше номинациите поради катастрофалните пожари во Лос Анџелес / Photo: Reuters

Хрватскиот краток филм „Човекот кој не можеше да молчи“ на режисерот и сценарист Небојша Слијепчевиќ, кој ја раскажува приказната за злосторството на железничката станица во Штрпци за време на војната во Босна и Херцеговина, е номиниран за Оскар во категоријата за најдобар краток филм.

Академијата за филмски уметности и науки, која двапати ги одложуваше номинациите поради катастрофалните пожари во Лос Анџелес од шумските пожари, денеска ги објави номинираните за Оскар за 2025 година во 23 категории.

„Емилија Перез“ води со најмногу номинации, 13, вклучувајќи за најдобар филм, најдобар режисер (Жак Одиар), најдобра актерка (Карла Софија Гаскоњ) и најдобра споредна женска улога (Зое Салдана). Потоа следат „Бруталистот“ и „Злобница“, со по 10 номинации.

Освен „Емилија Перез“, „Бруталитот“ и „Злобница“, во категоријата најдобар филм се номинирани и „Анора“, „Целосно непознато“, „Конклава“, „Дина: Втор дел“, „Сè уште сум тука“, „Никел Бојс“, и „Супстанција“.

Покрај „Човекот што не можеше да молчи“ во категоријата за најдобар краток филм се натпреваруваат и „Вонземјани“, „Ануја“, „Јас не сум робот“ и „Последниот ренџер“.

Хрватскиот филм, кој претходно ја освои „Златната палма“ за најдобар краток филм на 77. Кански филмски фестивал, ја раскажува приказната за злосторството извршено од страна на припадниците на Војската на Република Српска врз 19 цивили (18 Бошњаци и еден Хрват).

Европската филмска академија неодамна го прогласи за најдобар европски краток филм. Ова е голем успех и за хрватската кинематографија, бидејќи е прва номинација на хрватски филм за престижна награда откако Хрватска стекна независност.

Ноќта на Оскарите треба да се одржи во недела, на 2 март, во театарот Долби во Холивуд. Домаќин ќе биде Конан О’Брајан.

TRT Balkan / агенции
Популарни