Кралот на рокенролот. Ова е епитетот кој се врзува за името на Елвис Присли, еден од највлијателните и најпопуларни пејачи во светот на 20 век. Тој е соло артист со најмногу продадени албуми во историјата на популарната музика. Номиниран е за 14 Греми награди, добил три како и Греми наградата за животно достигнување на 36 години. Снимил повеќе од 600 песни во својата кариера, а 114 од нив се најдоа во топ 40-те најдобри синглови во САД.
Но кој беше Елвис Присли, една од најважните фигури на популарната култура на минатиот век?
Елвис Арон Присли е роден на 8 јануари 1935 година во Тупело, Мисисипи, во Соединетите Американски Држави (САД). Помалку познат факт е дека тој е роден половина час по својот брат близнак, кој бил мртвороден.
Како дете имал желба за еден од своите родендени од родителите на подарок да добие велосипед. Наместо тоа добил гитара, која чинела само осум долари, но веројатно влијаела на одредувањето на неговиот животен пат.
Во текот на раната младост, по завршувањето на средното училиште работел различни работи, но истовремено сонувал да стане пејач.
Својата музичка кариера ја започнал во 1954 година, работејќи со сопственикот на „Сан рекордс“ (Sun Records), Сем Филипс, кој имал идеја да го претстави звукот на афроамериканската музика на пошироката публика.
Во придружба на гитаристот Скоти Мур и басистот Бил Блек, Присли стана најважниот промотор на рокабили - фузија со брзо темпо на кантри музика и ритам и блуз.
Со текот на времето, Присли станува забележан и му се нуди договор за соработка со полковникот Том Паркер, кој ја менаџираше музичката кариера на Присли повеќе од 20 години. Во 1954 година го сними својот прв сингл „That’s All Right“ во студиото на Сем Филипс. Присли станува водечка фигура на новиот, популарен звук на рокенролот, со повеќе појавувања на телевизиите, но и ги руши рекордите на топ-листите.
Енергичноста во интерпретацијата на песните со афроамериканско потекло и немирниот стил на изведба придонесоа Присли да биде популарен и истовремено контроверзен. Тој имаше плодотворен глас и способност за мошне успешно соединување на повеќе жанрови на музика, вклучувајќи кантри, поп балади, госпел и блуз.
Накратко, ова беше почетокот на кариерата во која Елвис ќе стане „крал“, ќе продаде милијарда плочи, најмногу од сите изведувачи, а ќе освои бројни награди и ќе глуми во триесеттина холивудски филмови.
Инспирација за многу музичари
Елвис инспирираше многу музичари - Џон Ленон, Боб Дилан, Принс, Џери Ли Луис, Брус Спрингстин и многу повеќе, од кои многумина продолжуваат да бидат обожаватели на Присли.
Приватен живот
Во екот на популарноста, добива повик да служи војска. Во текот на служењето на војска во Германија (1958-1960 година) ја запознал тогаш 14-годишната Присила Боли, ќерка на колега војник. Се венчаа во 1967 година, а една година потоа родена е Лиса Мари Присли, единственото дете на Елвис. Врската била со краток век.
Според раскажувањата на Присила, Елвис живеел во магичен круг во зависност од таблети за спиење, стимуланси и седативи и немал многу време за семејството. Се разведоа во 1973 година.
Кон крајот на 60-тите години ѕвездата на Елвис почна да бледи, Битлси и Стонси беа новите кралеви на музиката. Фановите едвај го препознаваа својот некогашен идол на сцена, изобличен од прекумерна тежина и натопен од пот.
Иако здравствената состојба му била далеку од добра. Неговиот последен концерт се одржа во Индијанаполис, на 26 јуни 1977 година. Се подготвувал за летна турнеја, а последната песна „Way Down“ ја снимил неколку дена пред смртта.
„Елвис го уби Елвис“
Имал само 42 години кога е пронајден мртов на подот од своето купатило во Грејсленд. Фатална срцева аритмија, заклучил лекарот. Дебелината и годините на злоупотреба на различни лекови го земале својот данок.
„Елвис го уби Елвис“, рече помошникот на неговиот менаџер Мајкл Краули.
Недела во чест на сеќавање на Кралот на рокенролот
Меѓутоа, митот живее и понатаму и не покажува знаци на заборав. Неговата палата во Грејсленд, е втор најпознат дом во САД, по Белата куќа. Во прилог на тоа оди и фактот на одржувањето на „Недела на Елвис Присли“ во чест на кралот на рокенролот која се одржува секоја година на неговиот имот во Мемфис, во Грејсленд. Оваа година настанот се одржува од 9 до 17 август. Се организираат разни активности - концерти, аукции, филмски проекции, дебати денс забави.