Тивките звуци на клавирот понекогаш кажуваат повеќе од зборовите – под прстите на Ема Ананиевска, дипломирана пијанистка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, светот добива ново значење.
Во секоја нејзина нота се крие приказна за истрајност и надеж, за предизвиците со кои ја соочил животот, но и за љубовта кон музиката што ја води низ секојдневјето.
Иако со целосно оштетен вид, Ема успеала да ги оствари своите соништа. Покрај тоа што е успешна пијанистка, таа активно се бори за правата и за подобри услови за лицата со оштетен вид во Македонија.
Со позитивен став и непоколеблива решеност, Ема за Анадолу ја сподели својата приказна. Нејзиниот живот е далеку од обичен, полн е со предизвици што повеќето луѓе не можат ниту да ги замислат.
Патот до прифаќањето
Ема уште од најрана возраст ја искусила тежината на различноста. Нејзиниот свет бил исполнет со љубов и поддршка од родителите, но, сепак, како мало дете, се соочувала со бура од емоции и прашања.
„Мислам дека првпат почна да ми станува јасно дека на некој начин сум поразлична од другите на три-четири години, кога тргнав во градинка, кога почнав да се мешам со други деца на моја возраст што не биле дел од моето секојдневје,“, изјави Ема.
„Меѓутоа, некако со текот на времето, со разговори, со објаснувања, научив да ја прифатам состојбата и да сфатам дека не сум толку различна, а ако се прифатам сама себе, ќе бидам прифатена и од другите“, додаде таа.
Ова сознание било клучно во нејзиниот развој, како во училиштето, така и во секојдневјето.
Образование: Борба со предизвици
Ема ја започнала својата образовна приказна во редовно училиште, но веднаш наишла на пречки. Без соодветна литература на Брајово писмо, таа морала да се потпира на родителите кои ѝ ги снимале лекциите на диктафон.
„Моите родители ми ги снимаа лекциите на диктафон и така учев. Исто така, професорите беа многу коректни во тој поглед, па кога предаваа на часовите, ми дозволуваа да ги снимам предавањата бидејќи не можев да запишувам белешки. Исто така, домашните ги пишував на Брајово писмо, а мајка ми ги препишуваше за да можат наставниците да прочитаат што сум напишала“, вели Ема.
Со оглед на тоа што има завршено средно музичко образование и Факултет за музичка уметност, дополнителен предизвик ѝ претставувало читањето на нотите.
Светот во музиката: „Сцената ми е простор каде што сум најкомотна“
За Ема музиката не е само уметност, туку начин на живот, израз на емоциите и светот што го замислува.
„Јас ја создавам музиката преку секојдневни доживувања, начинот на кој го визуализирам светот во главата и секое дело што го создавам има некоја приказна во заднина. Би било многу интересно да видам како другите би ги доживеале пораките што сакам да ги пренесам, односно начинот на кој ги доживувам работите, да видам каде сме, која е средината, дали така некако ќе се објасниме како јас го доживувам светот, а како другите“, раскажува Ема.
Љубовта кон музиката ја развива од мала возраст, вели дека ѝ било интересно да оди кај пријателите што имаат синтисајзер и пијано и да си игра со нив. Тогаш родителите го откриле нејзиниот талент и ја запишале во музичко. Нејзина цел е во иднина да сними албум и да ги пренесе своите дела на начин на кој таа ги доживува.
„Мислам дека сцената е простор каде што сум најкомотна. Имам настапувано двапати во Белград, еднаш во Русија, како претставник на средното музичко училиште“, вели Ема, додавајќи дека за неа тоа претставувало огромно позитивно искуство.
Секојдневни предизвици: Движењето надвор е невозможно без придружба
Ема за Анадолу раскажува дека со напредокот на технологијата нејзината независност станала поголема, но дека движењето низ градот ѝ претставува најголем проблем.
„Технологијата е еден многу голем напредок што ми дава друг вид самостојност, тоа што ми е потребно, каква било информација, можам сама да најдам на интернет, ја користам звучната програма што ја имам на компјутерот и на телефонот, користам и социјални мрежи, во тој поглед сум целосно независна“, вели таа и додава:
„Mене, генерално, најголем проблем ми претставува движењето низ градот. Звучните сигнализации што ги има не се поставени добро, сигналот го има само на црвено или само на зелено. Треба да има и на црвено и на зелено затоа што јас треба да знам дека има семафор. Немаме соодветни пешачки патеки и тактилни плочи, не знам и каде воопшто има. Ми текнува дека во градскиот парк имаше, таа патека е 150 метри и по неа треба да се движам напред назад, но треба ли да дојдам до неа, треба ли да имам некоја цел каде одам по патеката. Се постави само колку да се постави, без никаква консултација претходно, без тоа да има долгорочна корист, па треба многу да се работи на тоа.“
Инклузија и борба за подобро општество
Освен музиката, Ема е активно вклучена во борбата за инклузивно општество.
Преку своите искуства и соработката со организации, таа постојано се залага за подобри услови за лицата со попреченост во Македонија. За неа промените не треба да дојдат само од институциите туку и од луѓето на кои им е потребна оваа промена.
Нејзината визија за подобро општество се темели врз разбирање, почитување и прифаќање на различностите.
„Мислам дека секој човек треба да се потруди да влезе во кожата на другиот, не ги осудувам луѓето што не можат да разберат како јас живеам, па и јас не можам да разберам како живеете вие што гледате. Препорачувам луѓето да бидат отворени, да ги прифаќаат различностите, што не им е јасно да прашаат бидејќи сѐ се решава со разговор. Секогаш можат да научат нешто од различностите, а и ние можеме да научиме нешто од 'нормалните'. Да се прифаќаме, разбираме меѓусебно и да се почитуваме“, е пораката на Ема за крај.
Меѓународен ден на Белиот стап
Секој 15 октомври светот го одбележува Меѓународниот ден на Белиот стап, симбол на независноста и самостојноста на лицата со оштетен вид. Белиот стап е многу повеќе од помагало – тој е знак на решителност и сила. Овој ден не само што нè потсетува на предизвиците со кои се соочуваат лицата со целосно или делумно оштетен вид, туку и на нашата одговорност како општество да ја поддржиме нивната интеграција. Потребно е да се создаде средина во која секој може да се движи слободно и безбедно, а инклузијата да стане наше секојдневје.