Новиот филм на наградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски, „Кајмак“ ќе има премиера на фестивал во Токио, Јапонија.
„Се обидувам да правам „глокални“ филмови – и локални и глобални, рече денеска режисерот Милчо Манчевски на прес-конференцијата по повод неговиот најнов филм.
Светската премиера на „Кајмак“ ќе се одржи идниот месец на фестивалот во Токио. „Кајмак“ ќе биде во официјалната конкуренција, во трката за награди. Засега се планирани две проекции, на 26-ти и 29 октомври, но најверојатно ќе има и трета. Како што најави продуцентот Јане Ќортошев, македонкската публика ќе го види филмот во кино наскоро. Се прават напори тоа да биде средината на ноември, на гала премира каква што имаше „Врба“.
На Македонскaта телевизија, пак, според очекувањата, ќе се прикажува при крајот на идната година.
„Кајмак“ е црна комедија која се случува во денешно Скопје. Се работи за европска копродукција меѓу Северна Македонија, Данска, Холандија и Хрватска, но вклучени се и филмски работници од Англија, Италија и Србија. Копродуцент е Македонската телевизија, а филмот доби поддршка и од европскиот фонд Еуроимаж.
„Светската премиера ќе биде на далечниот исток, на фестивал од А категорја и еден од најголемите во светот, фестивалот во Токио. Со ова филмот добива прекрасен старт. Сигурен сум дека ќе има богат фестивалски живот, а многу скоро по светската премиера ќе биде донесен и во земјава“, рече Ќортошев.
Според директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, за македонската кинематографија нема граници, а премиерата на „Кајмак“ во Токио ќе и даде дополнителна вредност на македонската кинематографија која е рамо до рамо со европската.
На прес-конференцијата беше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која им честита на Манчевски и на целата екипа.
„Светската премира во Токио е голем успех за филмот и за македонската кинематографија и култура. Филмовите на Манчевски ја афирмираат македонската култура и држава низ сите континенти и се трајна вредност на современата македонска кинематографија“, рече министерката.
Прашан накусо да го долови филмот, Манчевски рече дека секој добар филм поаѓа од локално тло, од локален извор.
-Не седнувам со агенда, да кажам „еве сега ќе правиме локален или универзален филм“. Секој добар филм содржи ДНК од местото од кое доаѓа, но може да се ужива и разбере секаде во светот. Прашање на умешноста на авторот и на темата е дали ќе бидат универзално препознаени или не. „Кајмак“ е безобразна трагедија, имавме неверојатна екипа, глумците беа ниво повисоко од светското, а мотото на филмот е „За танго се потребни тројца“. Останатото ќе го видите наскоро, напомена Манчевски.
Светскиот филмски фестивал во Токио почнува на 23 октомври, а пресконференцијата и прес-проекцијата на „Кајмак“ се закажани за 27 октомври. Тој ден, како што рече Манчевски, веројатно ќе се одржи и предвидениот мастер клас за јапонските и други студенти.