Италија презема безбедносни мерки за да ги заштити уметничките дела во своите музеи против акциите на климатските активисти поради што се зголемува и цената на влезниците за да се покријат дополнителните трошоци.
„Бесмисленото и неоснованото насилство, кое е насочено против сликите, инсталациите и делата во нашите музеи и галерии, нѐ тера на итно делување, почнувајќи од поставување на заштитно стакло“, изјави министерот за култура на Италија Џенаро Санџулиано.
Во јули активистите во Фиренца се залепија за сликата на Сандро Ботичели „Пролет“ од 15 век.
На 18 ноември, активистите во Милано истурија осум килограми брашно на делото на Енди Ворхол „БМВ М1“ од 1979 година во вредност од 10 милиони евра.
Дел од трошоците за зголемени заштитни мерки, според министерот, ќе бидат оптеретување за буџетот на министерството и за целата нација.
Тој не сакаше да наведе детали, освен зголемувањето на цените на влезниците.