Филмот „Караула“ на режисерот Рајко Грлиќ, кој е гостин на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во Кинотеката во Скопје. По проекцијата ќе следува и сесија со прашања и одговор, а разговорот ќе го води Александар Прокопиев.
„Караула“ ја имаше својата премиера во 2006 година. Тоа е прв филм снимен по распадот на Југославија на кој работеше здружена екипа од пет балкански држави.
Снимен е според романот на Анте Томиќ, „Ништо нас не смее да нè изненади“. Дејството на филмот се одвива во 1987 година на караула на тогаш југословенско-албанската граница.
Филмот е комедија за луѓе кои се наоѓаат на чекор од трагедија. Улогите ги толкуваат: Тони Гојановиќ, Сергеј Трифуновиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Верица Недеска, Богдан Диклиќ, Петар Арсовски и други.
Филмот беше снимен на локации во Битола и Националниот парк „Галичица“ над Охридското Езеро.
На Пулскиот филмски фестивал, Емир Хаџихафизбеговиќ ја доби „Златната арена“ за најдобар главен актер. На Филмскиот фестивал во Трст во 2007 година филмот ја доби наградата од публиката, а режисерот Рајко Грлиќ беше номиниран за наградата „Златна школка“ на Фестивалот во Сан Себастијан.
На Филмскиот фестивал во Фестроја, Португалија, Грлиќ доби четири награди, како и наградата ФИПРЕСЦИ.
Рајко Грлиќ е роден во 1947 година во Загреб, Хрватска, и дипломирал филмска режија на ФАМУ во Прага, Чешка, во 1971 година.
Како режисер и сценарист работел на 11 филмови. Овие филмови се прикажуваа во кината на сите пет континенти, беа вклучени во натпреварувачките програми на водечките светски фестивали, од Кан до други, а добиле и бројни меѓународни награди. Работел на пет играни филмови како сценарист и на пет како продуцент.
Со проекцијата на филмот на Грлиќ, ќе биде затворено 10. издание на „ПРО-ЗА Балкан“. Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „ПРОЗА Балкан“ се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, СПОНА.