„Музеј е непрофитна, трајна институција во служба на општеството која собира, конзервира, интерпретира и го изложува материјалното и нематеријалното наследство.
Музеите се отворени за јавноста, достапни и инклузивни, негувајќи го диверзитетот и одржливоста. Функционираат и комуницираат етички, професионално и со учество на заедниците, нудејќи различни искуства за образование, уживање, размислување и споделување на знаење“.
Ова е новата дефиниција за тоа што некоја институција ја прави музеј, која по долга дебата ја претстави Меѓународниот совет на музеи (ICOM), организацијата во рамките на УНЕСКО која постои 76 години, а која е посветена на музеи на целиот свет, објави Арт Нет (ArtNet), интернет сајт посветен на глобалниот пазар на уметноста.
Од Меѓународниот совет на музеи истакнуваат дека новата дефиниција е резултат на „долг процес започнат во 2015 година“, иако на прв поглед не се разликува многу од постоечката, која последен пат е дополнета во 2007 година и суштински не е менувана од седумдесеттите години.
Сепак, во новата дефиниција се вклучени зборовите како што се „диверзитет“, „одржливост“, „етички“ и „инклузивни“, што укажува на изменетата улога на музејот во општеството.
„Старата дефиниција беше пасивна, истакнуваше само собирање“, рече Бруно Брулон, еден од членовите на комитетот кој го надгледуваше формулирањето на дефиницијата, укажувајќи на тоа дека новото објаснување е „многу поактивно“.
За новата дефиницијата гласаа дури 92 отсто од членовите на Општата седница на
ICOM одржана во Прага, што е големо поместување во однос на нивната претходна конференција одржана во 2019 година.
Тогаш дури 24 национални комитети гласаа против дефиницијата, бидејќи беше „премногу идеолошка“.
Одбиената дефиниција, која се состои од 99 зборови, ги спомнуваше музеите како „демократизирачки, инклузивни, полифони простори за критички дијалог за минатото и иднината“.
За да се утврди реалната улога на музеите, ICOM покрена 18 месеци долг процес кој подразбираше детално изјаснување на сите членови.
Секој збор од новата дефиниција е внимателно разгледуван, а спроведени се и четири рунди на консултации.
Откако се дефинирани 127 единствени зборови кои најчесто се повторувале во предложените дефиниции, направени се пет нацрти, а потоа претставена е и финалната верзија која е изгласана.