Јуруците сe засебна турска етничка група. На балканските простори се доселиле во време на Османлиите, при што се создал цел појас од населби во југоисточниот дел на земјава.
За нив ќе чуете дека ги нарекуваат и последните номади во ова балканско поднебје. Тие живеат традиционално и покрај сите предизвици на модерното време. Со својата богата традиција и култура со векови го збогатуваат шареноликиот културен мозаик.
Желбата да го доловиме традиционалниот и автентичен начин на живот на Јуруците нѐ однесе по стрмниот пат кон радовишките села Аликоч и Коџалија, сместени на југозападната падина на планината Плачковица, на надморска височина од речиси 800 метри.
Додека го искачуваме патот не можеме а да не го забележиме прекрасниот есенски пејсаж и руралните убавини во кои се истакнуваат нивите на кои вредниот работлив народ и во овој период од годината го собира „жолтото злато“, тутунот. Токму тутунот овие предели е доминантна земјоделска култура од која населението обезбедува егзистенција.
По пат ги сретнавме и сточарите кои не дочекаа со срдечно добредојде и продолжија со своите обврски околу грижата за своите бачила.
Покрај патот ги гледаме селските куќи, кои во најголем дел се мали и удобни. Направени се од камен кој старите добри мајстори совршено добро го вклопиле, со што добива налик на идеален мозаик на архитектурата од минатото. Куќните ѕидови и пропратните објекти ги краси „жолтото злато“, нанижениот тутун кој во овој период од годината се суши, додека жителите ги користат последните сончеви денови од годината за да го соберат тутунот од плодните ниви.
И конечно стигнуваме во селото Коџалија. Со оглед дека е пладне, луѓето се на своите ниви и владее тишина, која за момент со езанот (повик за молитва) ја прекинува муезинот од селската џамија, а се слуша и детскиот џагор од тесните селски сокаци. Во селото ја сретнуваме Наиле, која за себе вели дека иако е во длабока старост, уште може и сака да работи на нива. Објаснува дека нејзиното семејство се занимава со земјоделство и на тој начин преживува.
„Ние садиме тутун, пиперка, патлиџан... Само овие култури ги работиме, друго не работиме“, вели Наиле во разговорот со екипата на ТРТ Балкан.
Раскажува дека денот во ова село започнува многу рано. Со семејството се будат околу 3 наутро, се подговтуваат и одат на нива да берат тутун. Се враќаат околу пладне, каде дома, во своите простории во дворот, го нижат тутунот. И овој процес, вели таа, се повторува постојано.
Кога сте во овие краишта едноставно не можете а да не ги забележите женските јуручки носии се карактеристични по тоа што имаат изразени нијанси на сина, виолетова, црвена, жолта и зелена боја, а украсени се со цветни елементи. Овие носии претставувваат вистинско кулурно богатство и своевиден културен идентитет на Јуруците.
„Материјалите од кои ги правиме носиите ги носат тука од Туркије. Така беше и порано. Кога луѓето одеа во Туркије ги носеа тука овие материјали, ние потоа ги шиевме на машина и ги носевме“, се присетува Наиле.
Ѓулизар Алиова од селото Аликоч вели дека јуручката женска носија има посебна убавина и удоблност, а со векови наназад се носи и се пренесува од генерација на генерација, поради што оваа убава традиција живее и ден денес.
„Ние сме навикнати од мали да ја облекуваме оваа носија. Јас имам 58 години, на овие години не одам со отворена облека, се срамиме. Додека живееме овие носии ќе ги облекуваме“, вели Алиова.
Како и во речиси секоја рурална средина, така и овие села локалното население има свои потешкотии и предизвици со кои се соочува секој ден. Сепак, жителите велат дека животот кој го живеат иако има потешкотии, со себе носи многу убавини и посебности.
„Јас сум дел од помладата генерација тука. Не е тешко да се живее. Тука се научив да живем и добро ми е. Во нашето село има млади. Во Аликоч и Коџалија младите не одат многу во странство, но од другите села одат. Тука во селата живеат само Турци. Но во градот има Македонци и различни етнички заедници со кои живееме добро“, објаснува Рамиз Алиов во разговорот за ТРТ Балкан.
Жителите од овие каришта остануваат да му пркосат на модерното време, да го живеат својот живот на начин кој им претставува вистинско задоволство и за што со гордост раскажуваат, надевајќи се дека автентичната јуручка култура со векови ќе биде пренесувана на идните генерации.