Вевчанскиот карневал, еден од најстарите карневали во светот, е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.
Со оваа денешна одлука на македонската Влада се овозможува зачувување и афирмација на машката василичарка поворка како дел од зимските обреди со маски, која е зачувана и се практикува во автентична и интегрална форма од локалната заедница во Општина Вевчани, велат од македонското Министерство за култура.
Како што е наведено во Одлуката, по своите карактеристики „Обредните поворки со маски (карневал) – Василичари во Вевчани“ се издвојуваат со својата автентичност и зачуваност на формите на маските, василичарското оро, верувањата и обредните практики.
„За Василичарите во Вевчани се утврдува режим на заштита од прв степен, со повеќе мерки на заштита. Преку поддршка и поттикнување на носителите за изработка на автентични маски ќе се обезбеди одржливост на древната манифестација, ќе се обезбеди пренос на знаењата за изработка на маските и вештините за свирење на традиционалните музички инструменти кои се дел од поворката. Од особено значење е што традицијата на еден од најстарите карневали во светот ги вклучува и младите генерации и се зачувува како културно наследство“, стои во соопштението на Министерството за култура.
Со донесувањето на Одлуката за прогласување на Василичарите во Вевчани за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација во согласност со Законот за заштита на културното наследство, додаваат оттаму.
Вевчанскиот карневал е стар повеќе од 1.400 години и негува одредени специфични обичаи. Познат по тоа што на сатиричен начин, преку разни маски и персонификации, ги претставува настаните од јавниот и политичкиот живот. Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на празникот Василица, кога се дочекува новата православна година, а се испраќа старата.