На концертот настапија познатите уметници Анил Шалиел и Марееџхи Асу, заедно со нивната група

Омаж на турската традиционална музика видена во ново џез руво се случи синоќа на премиерната изведба на концертот „Виорот на Анадолија“, во Националната опера и балет во Скопје.

Час и половина убаво патување низ звуците на музичкото културно наследство на богатата турска култура во преполната сала на НОБ.

Концертот го организираше Турскиот културен центар „Јунус Емре“ од Скопје и е прв од 11-те што ги опфаќа оваа турнеја.

Вечерва музичарите ќе настапат во Центарот за култура во Гостивар во 19 часот.

Низ дваесетина песни со нов аранжман не поведоа ѕвездите на концертот - саксафонистот Анил Шалиел и Мареечи Асу, кој свиреше на инструментот деф. Тие на свој начин, заедно со седумтемина музичари на сцена го оживеаја духот на легендарните доајени – уметниците Ашик Вејсел и Зеки Мурен.

Публиката со овации и аплаузи ги награди, посебен беше настапот и на Асу во неговите соло изведби. Тој интерпретираше и стихови од големите поети Јунус Емре и Мевљана.

Специјална гостинка беше пејачката Елена Христова, која изведе три песни. Таа ги освои срцата на публиката.

На концертот присуствуваа претставници и гости од Туркије и Северна Македонија.

Потпретседателот на Институтот „Јунус Емре“, Џахид Шенел, во својот говор ги поздрави присутните и за концертот рече дека е „многу посебен настан“.

„Во античкиот град Скопје се собравме да ги споиме длабоката и богата култура на Анадолија, уникатните мелодии на турската музика и џезот“, рече Шенел.

Тој, исто така, истакна дека Институтот „Јунус Емре“ работи со сите сили на промовирање, зачувување и споделување на турското културно наследство, традиционалните уметности, музиката и турскиот јазик низ целиот свет.

„Многу сме среќни што денес ја одржуваме оваа прекрасна средба овде во Скопје. Се надевам дека концертот ќе нѐ инспирира сите и ќе нѐ запознае со универзалниот јазик на музиката“, рече тој.

TRT Balkan / агенции
Популарни