Министерот за трговија на Туркије, Омер Болат, кој е во посета на Северна Македонија, го оцени Балканскиот Регион како еден од најважните за турските инвеститори, јавува Анадолу.
Болат учествуваше на Бизнис-форумот Северна Македонија - Туркије, организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Советот за надворешни економски односи (ДЕИК) на Туркије, под покровителство на Министерството за трговија на Туркије и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија.
На Форумот присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, бизнисмени и други гости.
Во својот говор на Форумот, министерот Болат ги опиша односите меѓу Туркије и Северна Македонија како „силни и трајни“.
Тој рече дека силните врски меѓу двете земји, што произлегуваат од историјата, во последните години бележат голем напредок во областите како што се политиката, дипломатијата, одбраната и економијата.
„Балканот е секогаш од големо значење за Туркије. Географијата на Балканот е од големо значење затоа што на патот што ја поврзува Европа со Туркије и Азија. Балканот е важна рута во географијата што ја поврзува Туркије со Централна и Западна Европа“, рече Болат.
Тој исто така истакна дека мирот и стабилноста на Балканот се од посебно значење за неговата земја, додавајќи дека една од важните цели на надворешната политика на Туркије е развојот на балканските земји во мир и стабилност.
Зборувајќи за трговската размена со балканските земји, Болат рече дека во 2023 година е остварена надворешнотрговска размена од близу 34 милијарди долари, од кои 22,5 милијарди долари се од извоз на Туркије, додека околу 12 милијарди долари се увоз од земјите од Балканот.
- „Туркије е меѓу првите земји со најголеми директни инвестиции во Северна Македонија“
„Во областа на меѓународните инвестиции, Балканскиот Регион е од големо значење за турските претприемачи. Во сите земји на Балканот има турски инвеститори и тие континуирано ги зголемуваат своите активности“, нагласи тој.
„Северна Македонија, било во надворешната трговија или во областа на инвестициите, претставува речиси база од аспект на Туркије. Со задоволство сакам да истакнам дека обемот на трговската размена меѓу двете земји до крајот на оваа година е близу 900 милиони долари“, рече Болат, додавајќи дека на средбата со министерот Муцунски била поставена цел следната година оваа бројка да стигне до 1 милијарда долари.
Тој рече дека на продуктивната средба што ја имал со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, ја потврдиле согласноста за натамошен развој на односите на секое поле, како што се трговијата, инвестициите, инфраструктурата, енергетиката, туризмот и одбранбената индустрија.
Болат, исто така, ја истакна важноста на Договорот за слободна трговија меѓу двете земји, додавајќи дека тој и министерот Муцунски се согласиле тимовите да почнат да работат на негово ажурирање за да вклучат нови области.
Зборувајќи за турските инвестиции во земјата, Болат изјави: „Над 2.000 турски претпријатија, мали, средни и големи, направиле инвестиции во области како што се индустријата, услужниот сектор, банкарството, туризмот, образованието и здравството. Со инвестиции вредни над 2 милијарди долари, Туркије е меѓу првите земји со најголеми директни инвестиции во Северна Македонија“.
Тој додаде дека овие инвестиции се катализатор за трговските односи меѓу двете земји.
Министерот Болат рече дека во областа на туризмот, Туркије е на прво место со најмногу туристи во Северна Македонија, со околу 261.000 туристи кои годинава ја посетиле земјата.
Во однос на проектите од областа на градежништвото, тој рече дека турските компании дале голема поддршка со проекти во инфраструктурниот развој на земјата, со инвестиции во областа на енергетиката, патниот и железничкиот транспорт и тунелите.
„Во вредност од близу 2 милијарди долари, тие имаат завршено 45 проекти. И во наредниот период турските градежни компании со своето искуство на светско ниво се подготвени да го дадат својот придонес, а ние ќе ги поддржиме во тоа“, нагласи Болат.
Тој изрази подготвеност и за соработка во одбранбената индустрија, било преку набавки или заедничко производство.
Инаку, министерот Болат, во рамки на посетата на Северна Македонија, денеска се сретна со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а потоа и со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Во текот на неговата посета, министерот Болат го придружуваше амбасадорот на Туркије во Скопје, Улусој, и делегација од Туркије.