Производството на енергија од фотоволтаици станува закана за производството на храна / Фото: AA

Со зголемување на обновливите капацитети за производство на струја се зголемува ризикот од намалување на обработливите површини за производство на храна. Истовремено голем број фармери размислуваат за инвестиции во соларни фарми, бидејќи производството на струја побрзо генерира приходи отколку пласманот на земјоделските култури.

Европа очекува до 2030 година да постави соларни панели со производствена моќност од околу 600 гигавати. Исто така се проценува дека ако само на 1 отсто од обработливата земјоделска површина во ЕУ се постават т. н. агро-волтаици ќе се инсталираат соларни панели со капацитет од 1.000 гигавати, што е речиси двојно повеќе од посакуваниот таргет до крајот на следната декада за производство на обновлива енергија.

Концептот на агро-волтаици е релативно нов за европски услови, додека пак во Јапонија одамна е широко распространет. Податоците укажуваат дека во Јапонија има над 2.000 фарми со мали фотоволтаици и вкупен производствен потенцијал на струја од околу 40 гигавати. Во САД има 600 ваков вид фарми со потенцијал од 10 гигавати, додека пак во ЕУ земјите има околу 3 гигавати потенцијал на 200 фарми.

Плодната земја на храната и сонцето

Во регионот исто така се зголемува интересот на земјоделците за инсталирање фотоволтаици. Во тек е пилот проект за изградба на првата соларна фарма во регионот Јанина во Грција, а истиот треба да се реплицира и на македонска фарма со финансиска поддршка од Германската федерална еколошка фондација, но потребна е поддршка и од локалните институции.

Засега се најавени голем број на важни проекти за изградба на соларни и ветерни централи и сѐ повеќе се размислува за пренамена на земјоделското земјиште, во време кога македонските граѓани се соочуваат со ценовни шокови на храната. Од друга страна, фармерите се соочуваат со проблеми како поскапени енергенси, недостиг на работна сила, неповолни временски услови и предизвици со стабилен пласман на производите.

Недостиг на пристап до електричната мрежа е еден од најголемите предизвици на македонските земјоделци Others

„Концептот на земјоделска фарма во комбинација со фотоволтаици за производство на обновлива електрична енергија има многу позитивни страни, но треба да се внимава и на одржливоста, особено кога е во прашање изборот на видот на земјоделска култура каде ќе се примени. Мора да се внимава тие да не се инсталираат на плодно земјиште кое може да се искористи за производство на храна“, оценува консултантот Љубомир Димовски кој работи на повеќе регионални проекти за одржливо земјоделство.

Дополнително, најголем предизвик за земјоделците, останува пазарот, каде што откупните цени долго време стагнираат, додека сите инпути во производство постојано растат, што го прави тешко обезбедувањето финансиски средства за вакви инвестиции.

Недостиг на пристап до електричната мрежа е еден од најголемите предизвици на македонските земјоделци, што ги ограничува условите за користење ладилници за складирање на приносите, обработка во полупроизводи и употреба на ефикасни системи за наводнување.

Во регионот во тек е првиот пилот проект за поставување агроволтаик  Others

„Голем број земјоделци користат дизел пумпи за наводнување кои загадуваат, и бараат ангажман на дополнителна работна рака. Затоа примената на овој концепт треба да се спроведе со комбинирање на повеќе мерки, како помош за земјоделците преку соодветните фондови за инвестирање во мини соларни централи и системи за складирање енергија, како и примена на системи за наводнување капка по капка“, смета Димовски.

На овој начин ќе се намали загадувањето, ќе се заштеди на електрична енергија и нафта, кои во земјоделството стануваат се поголеми трошоци што влијае на зголемување на цените на храната, а ќе се заштеди и вода која се повеќе е во ограничени количини“, заклучува Димовски.

TRT Balkan
Популарни