Европската комисија на 28 јуни предложи воспоставување рамка за можно воведување на дигиталното евро и предлог да се обезбеди задолжително прифаќање на готовинските плаќања со цел да се отфрли стравот на многумина дека дигиталната валута може целосно да ја замени готовината.
EK, исто така, предложи дигиталното евро- нематеријална валута, да добие статус на законско средство за плаќање во еврозоната, а моментално само банкнотите и монетите на еврото го имаат тој статус.
„Предлозите, исто така, ќе гарантираат дека готовината ќе остане целосно достапна, истовремено дозволувајќи и на Европската централна банка да ги развие практичните аспекти на дигиталното евро со текот на времето“, рече извршниот потпретседател на Комисијата, Валдис Домбровскис.
Тој додаде дека дигиталните плаќања во евра ќе бидат „безбедни и сигурни, инстант и практични - онлајн и офлајн“.
Платежни трансакции и без интернет конекција
Дигиталното евро би ги понудило можностите што и сега ги нудат картичките и апликациите како и плаќање без пристап до интернет, што не е можно со картичките или мобилни апликации.
Таканареченото офлајн дигитално евро ќе овозможи трансакции дури и без интернет конекција доколку другата страна во трансакцијата е физички блиску, било да е тоа лице или продавница. Ова исто така би овозможило плаќање во оддалечени области со несигурна интернет конекција и во случај на недостиг на комуникациски мрежи или прекини на струја.
Законодавните тела во ЕУ, Советот и Парламентот се одговорни за донесување на правната рамка, но конечната одлука за воведување на дигиталното евро ја носи Европската централна банка. Комисијата наведува дека ќе бидат потребни неколку години за да се воведе дигиталното евро, но во секој случај тоа нема да биде пред 2028 година.
Дигиталното евро исто така би било еквивалентно на готовина. За разлика од крипто средствата, дигиталното евро ќе биде парично средство на централната банка.
ЕЦБ би гарантирала дека е безбедно, има стабилна вредност и дека може да се замени по номинална вредност за готовина во евра.
Спротивно на тоа, крипто-средствата може значително да флуктуираат во вредноста и нивната конверзија во готовина во евра не може да се гарантира.
Дигиталното евро ќе може да се користи насекаде во еврозоната, без разлика каде се наоѓаат плаќачите и која комерцијална банка или давател на платежни услуги го користат. Плаќањето ќе биде можно во секое време, 24 часа на ден, 365 дена во годината.
Дигиталното евро, исто така, ќе им овозможи на луѓето без банкарски сметки да вршат или примаат дигитални плаќања и да пристапуваат до основните функции бесплатно.
Тие функции би вклучиле конверзија на готовина во дигитално евро и обратно. Во моментов, околу четири милиони луѓе во ЕУ немаат банкарска сметка, што ги става во неповолна положба бидејќи не можат, на пример, да користат услуги за електронска трговија.
Комисијата наведува дека дигиталното евро би ја подобрило приватноста на корисниците, а со користење на дигиталното евро без пристап до интернет, приватноста на корисникот би била иста како и користењето готовина.
Како ќе одговорат банките?
Целта на предлогот е да се обезбеди оние кои сакаат да го сторат тоа сè уште можат да плаќаат во готово, така што е пропишана законска обврска за прифаќање готовина, со што, меѓу другото, ќе се оневозможи компаниите еднострано да воведат исклучиво безготовинско плаќање.
ЕК посочува дека дигиталното евро нема да ја замени готовината, туку ќе биде уште една дополнителна опција за плаќање.
Дигиталното евро, сепак, ги загрижува банките, кои стравуваат од можна голема загуба на приходите доколку поединците почнат масовно да ги повлекуваат своите депозити од нивните сметки и да ги претвораат во дигитално евро, кое, за разлика од банкнотите и монетите, не би биле во нивните биланси.
Затоа, Комисијата предлага да се ограничи износот што секој поединец може да го држи во дигитална валута.