Мобилното банкарство расте, но граѓаните сѐ уште „се држат“ за шалтерите / Photo: Reuters

Интернет банкарството, а особено банкарството преку мобилни апликации е во постојан пораст во регионот, но се уште е далеку од нивото на Европската унија, каде повеќе од половина од населението не оди во банка за вршење на секојдневни трансакции.

Во регионов само 17 проценти од граѓаните користат компјутери и мобилни телефони за финансиски трансакции, за разлика од речиси 57 отсто во ЕУ.

Според Евростат, во Норвешка безмалку никој не оди во банка па 95,48 отсто од граѓаните користат интернет банкарство, а слично е во Финска- 94,68 % и Данска 94,35 проценти.

Хрватска, која територијално е дел од регионот, но е членка на ЕУ, е во рамките на просекот со 57, 96 проценти корисници на интернет банкарство.

Според Хрватската народна банка, во текот на 2022 година просечниот потрошувач со услугата мобилно банкарство направил во просек 61 трансакција со вкупна вредност од 52.122 куни, а преку класичното интернет банкарство со персонални компјутери само 12 трансакции во вредност од 16.646 куни.

Во ЕУ банкарските шалтери се уште им се омилени на Романците, од кои само 19,19 проценти користат интернет банкарство, како и 22,44 проценти Бугари, што е под просекот од Северна Македонија и Србија кои се лидери во регионот во он лајн банкарството.

Во Србија мобилно банкарство користат 3.4 милиони граѓани

Според Евростат, во Србија лани 24, 84 отсто од граѓаните користеле дигитално банкарство.

Од Народната банка на Србија велат дека бројот на корисници на електронско банкарство лани е зголемен за 8,46 отсто во однос на 2021 година, при што бројот на корисници на мобилно банкарство е зголемен за 20,58 отсто, а бројот на трансакции е во пораст од 26,04 отсто.

Според централната банка, ова укажува на преориентација на корисниците кон поголема употреба на мобилни апликации.

Колку се користи интернет банкарството во регионот? TRT Balkan

Во првиот квартал од 2023 година мобилно банкарство користеле 3.494.654 граѓани, што е за 11,66 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Бројот на извршени трансакции преку персонални компјутери е намален за 4,47%, а бројот на трансакции извршени преку мобилно банкарство е зголемен за 27,80 проценти.

Според Народната банка на Северна Македонија, лани 26,5 отсто од граѓаните користеле интернет банкарство што е намалување во однос на 30,3 проценти во 2021 година.

Сепак, во 2022 година за првпат е регистрирана поголема употреба на мобилните апликации, што го потврдува фактот дека граѓаните значително ги користат привилегиите и удобноста од ваквиот начин на плаќања. Граѓаните ги користеле мобилните апликации за иницирање електронски кредитни трансфери со учество од 54,2 отсто, наспроти 45% кои користеле персонални сметачи.

Бројот на платежните трансакции извршени преку мобилен телефон расте и во првиот квартал од оваа година и е поголем за 23,8 % во однос на истиот период од 2022 година. Истовремено, раст од 3,5% е забележан и кај плаќањата со песонални компјутери.

Во Албанија 267 милијарди леки вредни трансакции со мобилни апликации

Во Црна Гора во 2022 година 11,35 проценти од граѓаните користеле интернет банкарство, што е пораст во однос на 8 отсто претходната година, а 12,82 отсто во Босна и Херцеговина во 2021 година, покажува статистиката на Евростат.

Според Централната банка на БиХ, во 2022 година електронска сметка имале 1.225.498 граѓани, од кои само 32 проценти вршеле интернет банкарство. Но при тоа 68 отсто од нив за трансакциите користеле мобилни апликации.

Податоците на Банка на Албанија покажуваат дека во 2022 година трансакциите преку интернет за првпат го надминале бројот на готовински трансфери и се на второ место меѓу најкористените платежни инструменти- 18,6 проценти. Бројот на плаќања преку мобилното банкарство достигна 2,3 милиони трансакции или зголемување од 29,3% во однос на 2021 година, а нивната вредност е 267 милијарди леки, или за 21,7% повеќе од една година претходно.

Според Евростат, но со податоци за 2020 година, во Косово 8,90 отсто од граѓаните користат услуги на интернет банкарство.

Од Централната банка на Косово велат дека во 2021 година од околу 2,4 милиони банкарски сметки над 537 илјади имале онлајн пристап што е за 30 отсто повеќе во однос на 2020 година.

TRT Balkan
Популарни