Германската индустрија се спротивставува на предлогот на Европската комисија за преполовување на периодот на плаќање во ЕУ, предвидувајќи зголемена потреба за финансирање и повисоки трошоци.
„Трошоците за финансирање би можеле значително да се зголемат, особено за малите и средни трговци“, изјави во четвртокот заменик генералниот директор на Германската трговска и индустриска комора (ДИХК) Ахим Деркс.
Поради пократките рокови на плаќање, компаниите во многу случаи ќе бидат принудени да прибегнуваат кон привремено финансирање за да склучат трансакции.
„Недостигот на ликвидност често мора да се покрие со заеми“, објасни Деркс.
Според сегашната директива, стандардниот рок на плаќање за деловните трансакции е 60 дена, а партнерите можат да го приспособат доколку е потребно.
Во септември, Европската комисија предложи промени кои треба да ги ограничат доцнењата на плаќањата и да ги заштитат малите и средни претпријатија од финансиски тешкотии.
„Предлогот ќе ги направи малите бизниси поотпорни и ќе им помогне да ги надминат предизвикувачките времиња“, изјави тогаш европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон.
ЕК сè уште преговара за предлозите со членките на ЕУ и со Европскиот парламент.
Германскиот министер за правда Марко Бушман силно ги критикуваше предложените измени.
„Строгите рокови не ги земаат предвид различните околности и не оставаат доволно простор на економијата независно да ги определи договорните одредби, рече Бушман.