Во најголемиот „рудник“ за копање криптовалути во Казахстан и еден од најголемите во светот има околу 55.000 компјутери         Фото: АА

На вкупна површина од 15 хектари среде широка степа, каде што се преземаат строги безбедносни мерки, изградени се осум големи хангари каде што се поставени компјутери наменети за „копање“ криптовалути. Во најголемиот „рудник“ за копање криптовалути во Казахстан и еден од најголемите во светот има околу 55.000 компјутери кои работат таму без престан за биткоини, најскапата криптовалута во светот.

Казахстан е меѓу водечките земји во светот по „копање“ биткоин, иако има зголемување на даноците и ограничување на пристапот до електрична енергија кон производителите на криптовалути во текот на изминатата година.

Според последниот извештај објавен од експерти од Универзитетот „Кембриџ“ во јануари 2022 година, Казахстан, кој е на третото место по САД и Кина со удел од 13,22 отсто во „копањето“ криптовалути, има околу 300 крипторудници.

Во центарот за податоци на компанијата „Енеџикс“, која работи во земјата од 2019 година е сместен еден од најголемите крипторудници во светот. За да стигнете до огромниот објект во близина на градот Екибастуз во северниот дел на земјата, треба да патувате околу 300 километри од главниот град Астана.

Клима погодна за копање криптовалути

Не е случајно што објектот се наоѓа во Екибастуз бидејќи студената клима на ова место во зима и благата клима во лето им овозможуваат на криптокомпјутерите кои работат континуирано дење и ноќе, да работат без да се загреваат.

Меѓутоа, оние кои за првпат влегуваат во овие хангари ги дочекува врева на која не се навикнати. Зуењето што излегува од машините, од „крипторударите“ е познато како „звукот на дигиталните пари“.

Јерсаин Нуртолеуов, директор на Одделот за хостирање на компанијата „Енеџикс“, изјави дека како компанија има 1,3 отсто удел во глобалниот биткоин.

Тој рече дека објектот има моќ да им обезбеди на клиентите 180 мегавати електрична енергија на час: „Нашите клиенти кои го имаат поставено својот уред [компјутер] во нашиот центар за податоци, ги нарекуваме инвеститори.“

„Тие ги носат овде само своите уреди. Ние се грижиме за следните процеси како што се вклучување на уредите, нивно поврзување на интернет и обезбедување пристап до моќта на глобалната криптомрежа.“

„Со други зборови, нашата компанија е домаќин на уреди за ископување на криптовалутите и ја обезбедува основната инфраструктура за нивното работење“, нагласи тој.

Напоменувајќи дека на објектот имаат секакви можности за „копање“ биткоин, директорот напомена дека најважна од нив е непреченото обезбедување на струја и 24/7 надзор на уредите.

Тој нагласи дека вработуваат повеќе од 100 лица, за да не се оневозможи работата на ниту еден компјутер.

„Обично работат млади специјалисти за информатички технологии“, рече тој, додавајќи дека тие самите ги обучуваат овие вработени.

„Поради фактот што работат со 15-дневна смена, во рамките на нашиот објект има студентски дом и трпезарија“, рече тој.

Нема копање без струја

Центрите за податоци на објектот, следени од над 150 камери, исто така постојано се надгледуваат од системски оператори како што е Илја Фомин.

Фомин појасни дека неговата главна задача е да даде сѐ од себе за да се обезбеди дека уредите за биткоин во центарот за податоци работат 24/7: „Ако овие уреди функционираат, мрежата на биткоин исто така работи и се врши производство на криптовалути.“

Истакнувајќи дека најважната суровина за работа на биткоин уредите е електричната енергија, Фомин додаде: „Биткоин уредот кој се наоѓа во центарот за податоци во овој хангар троши 3,5 киловати електрична енергија на час.“

„Па, доколку нема струја, тоа значи дека нема да има ниту криптопари“, рече тој.

Нагласи дека суштината на „копањето“ на биткоинот се состои од директен пренос на трансакции без никакви посредници.

„Овие уреди со чипови откриваат низа букви и бројки кои се премногу долги за да бидат разбиени за да се создаде потребната кеш меморија за биткоинот или другите криптовалути.“

„По сево ова, трансакцијата на податоци се смета дека е успешно пренесена, а сопственикот на уредот добива профит во форма на биткоин или на други криптовалути“, нагласи тој.

Раководителите на објектот, кој беше втор по големина крипторудник во светот минатата година, нагласија дека работат со увезена електрична енергија поради кризата во Казахстан и светот, и додадоа дека ги ограничиле своите активности поради тоа што биткоинот ја изгуби својата вредност во светот.

Нуртолеуов рече дека како компанија тие ја гледаат оваа состојба како привремена: „Ако го погледнеме графикот за биткоинот, ќе видиме дека тој секогаш флуктуира.“

„Оваа година ја доживуваме „криптозимата““, рече тој и порача дека очекуваат значителен раст оваа година до околу 100.000 долари.

Дигиталното „рударење“ - лиценцирана дејност

Сергеј Путра, член на Здружението на блокчејн индустријата и центри за податоци на Казахстан, истакна дека одредени несогласувања помеѓу Владата и индустријата се последица од недостигот на правна рамка.

Путра нагласи дека главниот проблем се „крипторудниците“ кои работат нерегистрирани: „Голем број криптоуреди се прошверцувани во земјата со нелегални средства.“

„Сега, оние кои ги имаат набавено овие уреди, копаат криптовалути кришум, криејќи се во перални за автомобили и пицерии.“

Потенцирајќи дека тие се против тоа, истакна: „Ние ги поддржуваме „крипторудниците“ кои ги нарекуваме „бели рудари/копачи“, кои плаќаат даноци и имаат центри за податоци.“

„За Нацрт-законот „За дигитални средства“ со кој ќе се легализира „копањето“ криптовалути, се дискутира во казахстанскиот Парламент“, рече Путра, посочувајќи дека и тој, како експерт, бил дел од подготовката на Нацрт-законот.

Путра објасни дека процесот бил тежок бидејќи претходно не бил изработен Нацрт-закон во таков сектор во земјата: „Со овој Нацрт-закон, дигиталното „рударење“ сега ќе биде лиценцирана дејност.“

„Овие лиценци ќе се издаваат во две категории. Првата категорија ќе ги опфати сопствениците на податочните центри каде што е поставена опремата за „рударење“, а втората ќе ги опфати само индивидуалните претприемачи кои имаат компјутер за „рударење““, рече тој.

„Според член од Нацрт-законот, сите уреди за „рударење“ што ќе бидат донесат во земјата отсега ќе бидат означени и регистрирани во единствен систем“, објасни Путра, нагласувајќи дека тоа е важно за транспарентноста на овој сектор.​​​​​​​

Тој изјави дека потрошувачката на електрична енергија под 1 мегават ќе биде забранета во „крипторударењето“ и додаде: „Ова е најбазичното нешто што го поставивме за да ги спречиме оние што копаат нерегистрирани криптовалути во домашна средина од 1 мегават, гаражи или во други места.“

AA
Популарни