Како се регулирани законски криптовалутите во регионот?     Фото: TRT Balkan


Најпознатата криптовалута на светот доживеа благо опоравување по големиот пад минатата година. Еден биткоин сега вреди околу 23.000 долари, покажуваат податоците на криптоберзата. Најголема вредност на биткоинот одеше до речиси 66.000 долари во ноември 2021 година, но пред извесно време падна на помалку од 16.000 долари.

Интересот за криптовалутите глобално, но и регионално, растеше и расте или опаѓа во зависност од неговата вредност, а граѓаните наоѓаат начин да „копаат“ и да тргуваат со овие валути.

Во земјите од Балканот засега само Косово официјално забрани „копање“ на криптовалути. Во Албанија криптовалутите се легализирани со закон, додека во другите земји од регионот официјално не е забрането, но сепак не е ниту законски регулирано.

Косово забрани „копање“ на криптовалути

Косовската Влада во јануари минатата година донесе одлука за забрана на производство на криптовалути на целата територија на Република Косово, соопшти министерката за економија, Артане Ризваноли.

Таа појасни дека со одлука на Владата, основана е техничка комисија за „вонредни мерки во снабдување со електрична енергија“, по чија препорака е донесена одлука за итни мерки со кои е забрането производството на криптовалути на целата територија на Република Косово.

Ризваноли објасни дека органите за спроведување на законот ќе го забранат производството на криптовалути со поддршка на сите релевантни институции кои ќе ги идентификуваат локациите на нивното производство.

Производството на криптовалути во Косово е забрането, но трговијата со овој вид валути законски се уште не е регулирана. Постојат медиумски наводи дека во Косово постојат и банкомати за криптовалути, во главниот град Приштина.

Северна Македонија нема закон со кој се регулирани криптовалутите

Во Република Северна Македонија криптовалутите не се регулирани со закон. Според Кривичниот законик „копањето “ криптовалути не е забрането, што значи дека не е регулирано, а казниво е само крадењето струја. Но, неретко овие две работи одат заедно, затоа што дел од „рударите“ на криптовалути се приклучуваат на диво во енергетската мрежа за да си го намалат трошокот на нивниот бизнис.

Постојат и неколку регистрирани случаи кога македонски државјани ја злоупотребувале својата службена должност и на работно место во јавните институции „копале“ криптовалути.

Во јули 2021 година опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе предлог Закон за легализирање на трговијата со криптовалути и тоа без ДДВ.

Албанија ја легализираше употребата на криптовалутите

Албанија го одобри Законот за употреба на криптовалути во мај 2020 година. Законот беше предложен од Министерството за финансии, а се однесува на регулирање на пазарот на дигитални и виртуелни валути, почнувајќи од лиценцирањето на субјектите кои ќе вршат таква дејност па се до условите за тргување на оваа валута.

Дигиталниот имот препознаен во српското законодавство

„Копањето“ криптовалути во Србија не е законски регулирано, но трговијата со овие валути е законски регулирана кон средината на 2021 година. Со тоа, областа на дигиталниот имот е препознаена во српското законодавство.

Виртуелните валути, дигиталните токени, криптоматите- сите овие до сега за многумина нејасни поими, добија дефиниции во Законот за дигитален имот кој стапи на сила на 29 јуни 2021 година.

Во соопштението на Министерството за финансии на Србија се наведува дека со тоа е „обезбедена правната сигурност за инвеститорите и корисниците на дигиталниот имот“.

Освен дефинирањето на основните поими, Законот ја регулира и областа на издавањето, трговијата и пружањето на разни услуги поврзани со дигитален имот во Србија.

Со Законот дигиталниот имот е дефиниран како „дигитален запис на вредноста кој може дигитално да се купува, продава, разменува или пренесува“.

Во БиХ подготовка на Закон за криптовалути

Во Босна и Херцерговина во јуни 2021 година најавена е подготовка на нацрт-закон кој има за цел регулација на пазарот на криптовалути, но официјална забрана за „копање“ на криптовалути нема.

Со години наназад, голем број граѓани на БиХ учествуваат во трговија и „рударење“ на криптовалути, особено во моментите кога вредноста на валутата расте.

Затоа, од Партијата за подобра иднина (СББ) најавија дека планираат основање Сектор за технолошки и економски напредок и модернизација на пазарот. Секторот, ќе предлага одредени закони во врска со криптовалути.

Во Црна гора не постои законска пречка

Во Црна Гора врз основа на постоечките законски прописи, не постои ниту една правна пречка за користење криптовалути.

Во оваа земја, информира Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (GI), продадени се три луксузни станови во Будва за 420 биткоини (3,3 милиони долари), додека „локалното инвестициско здружение промовира употреба на дигитални валути во хотели и одмаралишта во оваа популарна туристичка дестинација“.

Криптовалутите делумно регулирани во Хрватска

Хрватска изврши делумна регулација на криптовалутите преку Законот за данок на доход врз основа на капитална добивка. Трговците со криптовалути должни се на капиталната добивка да платат 10 отсто данок плус, кој е специфичен за секој град.

Во поглед на тргувањето со криптовалути, веќе во јавноста е познат случајот на маркет во Хрватска кој дозволува плаќање со криптовалути.

Што е криптовалута?

Криптовалутата е дигитална или виртуелна валута дизајнирана да функционира како средство за размена. Користи криптографија за да обезбеди и верификува трансакции, како и да контролира создавање нови единици на одредена криптовалута.

TRT Balkan
Популарни