Пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) донесе суштински промени во сите сфери на човековото живеење и ги смени секојдневните навики. „Новата нормалност“ донесе промени и во поштенските услуги. Додека траеше карантинот, се зголеми и бројот на граѓани кои нарачуваа производи онлајн. Ваков раст на поштенските услуги немаше само во западните земји туку и во регионот на Балканот.
Раст на пазарот во Северна Македонија
На пазарот на поштенските услуги во земјите во регионот во 2021 година, но и во годината претходно, се забележува раст. Надлежните институции сугерираат дека зголемувањето се должи на забрзаната промена на потрошувачките навики поради пандемијата од Ковид-19.
Агенцијата за пошти (АП) на Северна Македонија објави дека на пазарот на поштенските услуги во државата во 2021 година е забележан континуитет во растот на обемот на пакетите. Обемот на пакети е 4.832.940, кои сочинуваат 12,8 проценти од вкупниот обем на поштенски пазар, најмногу до сега, покажуваат податоците на АП.
„Зголемување на бројот на пакети е во корелација со забрзаната промена на потрошувачките навики поради пандемијата, каде се поголем број на потрошувачи ја користат електронската трговија, при што доставата на купената стока најчесто ја обезбедуваат давателите на поштенските услуги. Во иднина се очекува и натамошен раст на побарувачката на овие услуги“, објаснуваат од АП.
Обемот на пакети кај давателите на поштенските услуги на слободниот пазар, во 2021 година, во Северна Македонија, бележи 38,7 проценти зголемување во однос на 2020 година.
Зголемување на обемот на пакетите, како што информира АП, е во чекор со трендовите и сѐ поголемата побарувачка на онлајн услуги.
Раст на приходите во Поштата на Србија
Слични трендови се потврдени и во Србија. Поштата на Србија во првите шест месеци од минатата година остварила раст на приходите од 17 отсто и на обемот на услугите за 4 отсто во однос на истиот период, во годината претходно.
Меѓутоа, се укажува дека растот на приходите е последица на зголемување на цените на услугите, а растот на обемот на услугите е последица на работење во релативно нормални услови во однос на истиот период минатата година кога два месеци имаше вонредна состојба.
Се поголемата побарувачка во дигиталната и онлајн трговијата ја одбележа и минатата година, а согласно тоа забележан е и раст на количините и волуменот на пакетите, кој во 2021 година изнесувал 15%.
Хрватската пошта се модернизира со пакетомати
Во 2021 година Хрватската пошта започна и реализација на инвестиции во пакетомати, нов бесконтактен доставен канал. Поставени се повеќе од 150 од предвидените 300 кои ќе бидат на локациите ширум Хрватска.
Раст на поштенските услуги во Црна Гора
Во пандемската 2020 година Поштата на Црна Гора остварила раст на услугите за 1,2 проценти во однос на предпандемскиот период. Од вкупно остварените поштенски услуги 43,5 отсто се однесуваат на универзални услуги, а 56,5 отсто на комерцијални услуги.
Во структурата на обемот на услугите, најголемо учество имаат писмоносните услуги, во износ од 44,9%.
Намалување на поштенските услуги во БиХ
Во Босна и Херцеговина постои намалување на одредени поштенски услуги во текот на минатата година, нотира Агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина.
Бројот на писмоносните пратки во четвртиот квартал од 2021 година, изнесуваше 19.634 парчиња, што е во споредба со четвртиот квартал од 2020 година намалување од 0.2 отсто. Во четвртиот квартал од минатата година бројот на пакетните пратки е помал за 6,5 отсто.
„Се изборивме со ударот на пандемијата која ги потресе сите стопански гранки, па и поштенскиот систем. Посебно бевме погодени со потполно запирање на меѓународниот поштенски промет кој траеше одреден временски период и на што не можевме да влијаеме. Меѓутоа, со добра организација обезбедивме внатрешниот промет на пратките, брзата пошта и шалтерите непрекинато да работат“, објавија од Пошти БиХ.
Нагласуваат дека и покрај пандемијата вложиле максимални напори времено да ги исплатат пензиите на домашните адреси, и со услугите BHPostExpress, PostPak и PostCash да овозможат квалитетна услуга и достава на пратките, пакетските услуги и трансферот на парите.
Зголемување па поштенските услуги во Албанија
Поштенските услуги во Албанија во текот на пандемската 2020 година бележат зголемување за 18 посто, односно за 22.5 милиони евра за разлика од претходната година, се вели во извештајот на ОЕПК.
Според податоците на ОЕПК, од 26 оператори кои биле регистрирани во 2020 година, во првите три месеци на 2021 ова броја е искачена на 36 оператори.
Изолацијата и забавувањето на транспортот направи бројот на доставени пратки со пакети во текот на 2020 година да биде помал од 2019 година. На домашниот пазар затворањето на деловните субјекти и физичките продавници поттикна достава преку пошта што се одразува на количината на пакети што ги дистрибуираат операторите.
Пошта на Косово се приспособува на потребите на пазарот
Состојбата со Ковид-19 влијаеше и врз работењето на Поштата на Косово.
Оттаму соопштија дека и покрај предизвиците со пандемијата, Поштата на Косово секојдневно ги опслужувала своите граѓани и клиенти со висока посветеност и полн капацитет, во сите пошти во сите општини на Република Косово.
Меѓу другото, информираат дека Поштата на Косово потпишала договор за нова услуга со клиентите „Онлајн испорака“, приспособувајќи се на потребите на пазарот, развојот на технологијата и потребата за обезбедување нови услуги.