Секоја година милиони работници ги губат животите на работните места поради небезбедни услови за работа, изложеност на токсични материи, и физички опасности.
Главната цел на годинешното одбележување на Светскиот ден на безбедност на работа е како да се имплементира безбедна и здрава работна средина како основен принцип и право на работа кое ќе биде загарантирано за сите работници.
Во јуни 2022 година, на Меѓународната конференција на трудот беше одлучено принципот на безбедна и здрава работна средина да биде додаден во рамката на основните принципи и права на работа.
Затоа Меѓународната oрганизација на трудот (МОТ) денес ја прославуваа оваа одлука, обединувајќи експерти и членови за да разговараат за импликациите што таа ги има врз трудот, како и практично да се имплементира ова право.
„Имаме суштинска одговорност да обезбедиме луѓето кои одат на работа да се вратат дома живи, неповредени и здрави. Означувањето на безбедна и здрава работна средина како основен принцип и право на работа е важен чекор во оваа насока“, порача Гилберт Ф. Хонгбо генералниот директор на Меѓународната oрганизација на трудот.
Покрај напорите за универзална безбедност при работа како загарантирано право, државите членки на МОТ треба да продолжат со ратификација на двете конвенции за безбедност и здравје при работа.
Исто така овие принципи треба да се дополнат и во националните законодавства врз неколку принципи меѓу кои превенција, односно преземање соодветни мерки за намалување на ризиците на работното место, потоа создавање на национални тела специјализирани за безбедност и здравје при работа, како и воведување на систем на ревизии и проверки.
Овој ден е и повод да се поттикне социјалниот дијалог и соработката помеѓу синдикатите и професионалните здруженија, професионалните тела за заштита и безбедност при работа, како и организациите на работодавачите и властите.