Идеите за работа од дома, работа од далечина и скратена работна недела откако ослабна пандемијата со Ковид-19 полека ја губат глобалната поддршка. Големите технолошки гиганти кои беа предводници во трендот на напуштање на канцелариите сега ги повикуваат вработените да се вратат на работните места.
Така и за четиридневната работна недела има помалку поддршка меѓу бизнисмените и големите компании, но идејата и натаму е присутна во развиените економии каде во последната година се случуваат феномените „тивок отказ“ и „големото напуштање“ кои предизвикуваат голем проблем со работната сила, продуктивноста и економскиот раст.
Среќни работници, зголемена продуктивност?
Работната сила во текот на кризата со коронавирусот го истакна здравјето, добросостојбата и балансот меѓу професионалното и приватното како приоритет. Но, во период кога нема карантини, масовни затворања и долги изолации, така и „трпеливоста“ на работодавачите станува се потенка.
Сепак, да видиме дали идејата за скратена работна недела и постојан продолжен викенд има основа за успех.
Невладината фондација „Четиридневна глобална недела“ (4 Day Week Global) спроведува пилот програма со над 70 компании во Велика Британија. Преку тестирањето се утврдува какво е нивото на продуктивност во компаниите каде се работи само четири дена во неделата, или поточно 32 часа неделно.
По шест месеци поминати во тестирање четиридневна работна недела, резултатите од истражувањето на организацијата покажале дека речиси кај половина од компаниите продуктивноста останала иста. Една третина од компаниите забележале мало подобрување на продуктивноста, додека пак 15% одговориле дека продуктивноста значајно се подобрила.
Станува збор за компании од различни сектори како банкарство, финансии, маркетинг, продажба, здравство и угостителство.
Според Џо Конор извршниот директор на 4 Day Week Global во текот на пандемијата фокусот бил ставен на прашањето локацијата од каде се врши работата, па така работата од дома или хибридната работа не ги решава целосно проблемите на прегореност и преработеност.
Затоа пак, видливи биле подобрувањата кај вработените кои имале повеќе време за домот и семејството, за нивните слободни активности и хобија, што довеле до поголема енергија и ефикасност на работното место.
Главните критики за намалената работна недела се на адреса на намалување на компетитивноста и успорување на економскиот раст на европско ниво споредено со останатите развиени региони како Северна Америка и Пацификот.
Слични пилот програми воведуваат и компании од САД, Австралија, Нов Зеланд, како и неколку западноевропски развиени земји. Најдалеку во прифаќање на концептот може да биде Велика Британија каде се подготвува законско решение, но за да се усвои ќе биде потребна согласност од Конзервативната партија која засега го држи мнозинството во парламентот.