Повеќе од 180 компании, од кои 27 се од САД, денеска во српската метропола Белград учествуваат на конференција посветена на подобрување на економските односи на регионот на Западен Балкан со САД.
Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, изрази очекување дека на конференцијата ќе се склучат нови деловни договори.
„Сигурен сум дека по денешната средба ќе имаме нови инвестиции и работни места. Ако инвестираме заедно во луѓето, тогаш нашиот регион ќе биде место од каде луѓето не заминуваат, туку се враќаат“, рече Чадеж.
Тој додаде дека во рамки на денешната конференција ќе се одржат околу 260 меѓусебни бизнис средби.
Чадеж рече дека околу 160 компании доаѓаат од целиот регион, од Ниш, Скопје, Приштина, Пеќ и други.
„Заедничката визија на Србија, Соединетите Американски Држави и регионалните економии е Западен Балкан да стане регион на успех бидејќи има голем потенцијал кога станува збор за знаење, иновации и креативност“, рече Чадеж.
Тој изјави дека активноста со американските партнери многу придонела за развојот на ИТ секторот во Србија.
Оваа конференција е организирана како дел од посетата на Трговската мисија на Владата на САД, која ја сочинуваат 27 американски компании со фокус на ИКТ, енергија и чиста технологија во Србија и Црна Гора .
Ова е прва трговска мисија на американската влада во Србија и Црна Гора по две децении, а во регионот ќе останат до 4 ноември.
Целта е да се соберат клучните носители на економски одлуки, да се идентификуваат деловни можности и да иницираат дискусии со истакнати деловни партнери во стратешките сектори.
На конференцијата се присутни претставници на шестте стопански комори на Западен Балкан, собрани на Инвестицискиот форум на тие комори, да го претстават заедничкиот потенцијал на регионот.
„Фактот што имаме 27 компании од САД кои ја посетија Србија и ги истражуваат деловните можности испраќа јасен сигнал за постојано подобрување на економските односи меѓу Србија и САД“, рече претседателот на АмЧам Србија, Стефан Лазаревиќ
Тој посочи дека размената на стоки меѓу двете земји се зголемува и дека потенцијалот за подобрување на соработката лежи во тоа што расте извозот од Србија и дека САД се најважниот партнер за Србија во трговијата и услугите.
Тој го оцени како многу значајно што компании од САД денеска разговараат и со компании од Србија и од целиот регион и дека ќе дознаат какви се условите за бизнис во нашиот регион.
„Овој состанок ги промовира и докажува добрите регионални односи и регионалната економска интеграција, а токму тоа се нештата што ги промовира иницијативата Отворен Балкан“, рече Лазаревиќ.