Кои гранки ќе процутат со бизнисот во вселената?        Фото: АFP

Вселената е отворена за бизнис. Како никогаш претходно, приватниот сектор може да инвестира во нови потфати, како за сопствени потреби, така и за опслужување на државните вселенски агенции. Вселенската индустрија сега вреди околу 350 милијарди долари, но во наредните десетина години, се очекува прометот да се триплира.

За да се бавите со вселенски бизнис повеќе не треба да сте „ракетен научник“. Доволно е да се приклучите на трите растечки гранки кои ќе генерираат огромни приходи и тоа претежно за приватниот сектор, независно од посветеноста на државите за вселенски мисии.

ЗД печатење во вселената

Напредокот на 3Д печатењето веќе достигна економска вредност од над 20 милијарди долари. Засега помалку од 1% од вкупното производство е резултат на 3Д печатачи, но оваа гранка ќе продолжи да расте.

Една од главните примени на 3Д печатењето се очекува во вселенската индустрија. Предноста лежи во склопувањето делови за вселенски мисии во самите летала или вселенски станици. Така ќе се намали потребата од транспорт на компоненти и товар, но и брза замена на делови.

Наместо да се чека следната ракета, астронаутите или вселенските претприемачи ќе може со 3Д печатачот за кратко време да креираат заменски дел за итни поправки и со тоа да спречат хаварии, но и дополнителни трошоци.

Вредноста на 3Д печатарската индустрија, со инвестиции во вселенските потфати и останатите гранки се очекува да скокне на 120 милијарди долари за помалку од 10 години.

Вселенски рој – Бум на дроновите

Вселенскиот рој на сателити постојано ќе расте. Државите кои не се вселенски супер сили, веќе имаат шанси да лансираат сопствени сателити во ниската орбита на планетата. Отворени се и вратите за приватниот сектор кој преку армија на мини сателити може да обезбеди прецизна ГПС навигација.

Освен сателитската индустрија, големи бенефити се очекува да добијат и компаниите кои се бават со достава на пратки. Амазон веќе тестира сервис за испорака преку дронови. Во рок од 30 минути беспилотното лето успева да стигне на посакуваната адреса. Се смета дека освен намалување на времето на достава, со автоматизираното насочување преку сателит, испораката ќе стане поевтина од курирските служби, поштите и доставата со велосипеди или мали електрични возила.

Ракети за повеќе употреби

Приватните компании кои лансираат ракети ќе имаат се поголема улога во вселената, не само во бизнис аспектот, туку и во истражувачкиот и научниот сегмент. Компании како Спејс Екс на Илон Маск овозможуваат повеќекратна употреба на Фалкон ракетите. Тие пренесуваат товар и лансираат сателити, по што безбедно слетуваат назад на Земјата. Наместо да експлодираат во атмосферата, со повеќекратна употреба се намалуваат трошоците за вселенски лансирања.

Поддршката од надворешни компании за ракетната и сателитската индустрија се повеќе ќе се зголемува, што создава шанси за влез на нови претприемачи, поттикнување на конкуренцијата и развој на иновациите.

TRT Balkan
Популарни