Вработените во Амазон во 20 земји ќе протестираат или штрајкуваат на црниот петок, на 29 ноември, за да се заложат за поголеми права на работниците и да бараат Амазон да усвои мерки против последиците од климатските промени.
Најголемите протести ќе се одржат помеѓу 29 ноември и таканаречениот Сајбер понеделник, 2 декември, кога се очекува голем интерес на клиентите поради бројните попусти.
Протестите се одржуваат петта година по ред во големите градови низ САД, Германија, Велика Британија, Туркије, Канада, Индија, Јапонија, Бразил и други земји, а негов координатор е организацијата Направете Амазон да плати (Make Amazon Pay).
Организацијата бара Амазон да ги плаќа своите работници праведно и да го почитува нивното право да се приклучуваат на синдикатите, како и гигантот за онлајн шопинг да го плаќа својот фер дел од даноците и да се обврзе да инвестира во еколошката одржливост.
Претставничката на британскиот синдикат ГМД, Аманда Гиринг смета дека Амазон во Велика Британија претставува „сѐ што е расипано во тамошната економија“, имено несигурно вработување, плати на работ на сиромаштија и често небезбедни работни услови.
Во Германија илјадници членови на синдикатот Верди ќе штрајкуваат во магацините во Дортмунд, Лајпциг, Кобленц, Грабен, Верн, Бад Херсфелд и Рајнберг.
Во Франција, Здружението за оданочување на финансиски трансакции и граѓанска акција (ATTAЦ), кое ја промовира даночната правичност, ќе одржи протести во неколку градови.
Немилосрдната потрага по профит на Амазон им штети на работниците, животната средина и демократијата, изјави генералниот секретар на Глобалниот синдикат УНИ (УНИ Глобал) Кристи Хофман.