Според податоците на Управата за јавни приходи, вкупниот промет во осумте поголеми трговски ланци во земјава бил намален за 46,59 отсто во споредба со минатиот петок, а за 46,29 проценти во однос на четвртокот. / Photo: AA

По бојкот за пазарење во маркетите во петокот што за првпат се реализираше во земјава по примерот на Хрватска и други земји во регионот, најголемите трговски ланци забележаа пад на прометот за речиси 50 отсто.

Според податоците на Управата за јавни приходи, вкупниот промет во осумте поголеми трговски ланци во земјава бил намален за 46,59 отсто во споредба со минатиот петок, а за 46,29 проценти во однос на четвртокот. Надлежните институции уверуваат дека инспекторите се на терен.

Од Управата за јавни приходи најавуваат дека ќе продолжат со мониторирање и анализа, како и навремено информирање на јавноста за сите поважни податоци.

„Податоците од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS), односно регистриран готовински промет во осумте поголеми синџири на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година покажуваат дека вчера 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари, а во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари“, информираа од УЈП.

По примерот на Хрватска и уште неколку држави во петокот во земјава граѓаните се приклучија на повикот од социјалните мрежи да не пазари во маркетите поради високите цени на основните прехранбени производи. Бојкотот го поддржаа и од Владата и дел од политичките партии.

TRT Balkan / агенции
Популарни