Расте бројот на вработени во секторот обновливи извори на енергија. За една година биле отворени за 5.8% повеќе нови работни места, што значи дека до крајот на 2021 година вкупно во овој сектор работеле над 12,7 милиони луѓе.
Употребата на соларни панели и ветерници продолжува да расте, иако во 2020 и почетокот на 2021 година имаше мал застој во нови проекти за обновлива енергија поради застојот на синџирите на достава.
Како што проектите за обновливи извори на енергија продолжија, така и секторот забележа раст, што е евидентно и по растот на ангажираната работна сила.
Според информациите на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), водечка во светот е Кина каде има ангажирано 5.3 милиони вработени во производство на обновлива електрична енергија.
На второ место по бројот на работни места е Бразил со 1,27 милиони луѓе кои работат на обновливи извори на енергија, додека пак блокот земји од Европската Унија е на третото место со 1,24 милиони вработени.
Од ИРЕНА и Светската организација на трудот (ИЛО) потенцираат дека обновливите извори на енергија освен што го придвижуваат економскиот раст и создаваат нови работни места, исто така позитивно влијаат на справувањето со климатските промени и последиците врз животната средина.
Засега во растот предничат соларните централи и проектите за поставување соларни панели за производство на струја со вкупно 4,2 милиони вработени во светот, а следуваат ветерните централи како извор на обновлива и чиста енергија со вкупно 1,3 милиони вработени глобално.
Според проценките на ИРЕНА до 2030 година во овој сектор на глобално ниво ќе бидат ангажирани 38 милиони луѓе директно вработени во производството на обновлива и зелена енергија.