Што најмногу извезувале земјите од регионот во 2022 година? / Photo: TRT Balkan

Војната во Украина, енергетската криза и инфлацијата нанесоа голема штета на глобалната економијата вклучувајќи ја и трговската размена на глобално ниво. Тенденцијата на земјите од регионот да бидат извозно ориентирани и да се обидат да го зголемат извозот продолжи и покрај наведените потешкотии во светски рамки. Како и сите останати економски сегменти и извозната структура на земјите од регионот на Западен Балкан беше детерминирана од актуелните состојби на глобално ниво.

Северна Македонија го зголеми извозот за 21%

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари-октомври 2022 година, изнесува 7.3 милијарди долари (427.111.110.000 денари) и бележи пораст од 21.3 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-октомври 2022 година, изнесува 10.7 милијарди долари (622.898.348.000), што е за 29.3 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.Трговскиот дефицит, во периодот јануари-октомври 2022 година, изнесува 3.4 милијарди долари (195.787.238.000 денари). Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари– октомври 2022 година, изнесува 68.6 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.

Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

Што најмногу извезувале земјите од регионот во 2022 година? TRT Balkan

Земјоделските производи со најголемо учество во извозот на Србија

Вкупната трговска размена на Србија за период јануари-октомври оваа година изнесува 56,8 милијарди долари, што е пораст од 17,4 отсто во однос на истиот период минатата година. Извезена е стока во вредност од 23,6 милијарди долари што е раст од 12,8 % во однос на истиот период минатата година. Покриеноста на увозот со извоз е 71,4% и помала е од покриеноста во истиот период претходната година, кога изнесувала 76,6%.

Надворешно-трговската стокова размена беше најголема со земјите со кои Србија има потпишано договори за слободна трговија. Земјите членки на ЕУ сочинуваат вкупно 58,8% од вкупната раземна. Втор партнер по важноста за Србија во поглед на извозот се земјите од ЦЕФТА, покажуваат статиситчките податоци. Земјоделските производи (житарки и производи од нив), нафта и нафтени деривати, железо и челик, пијалоци и електронски машини и апарати, се дел од стоката која највеќе е извезувана од Србија.

Металите се најголем извоз од БиХ

Во стоковата размена на Босна и Херцеговина со странство од јануари до октомври оваа година извозот изнесувал околу 8,15 милијарди долари (15 милијарди и 47 милиони конвертибилни марки) што е за 31,5 отсто повеќе отколку во истиот период во 2021 година. Покриеноста на увозот со извозот изнесувала 63,6 отсто, според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ.

Извозот во земјте на ЦЕФТА изнесувал 2,7 милијарди конвертибилни марки (1,08 милијарди долари), што е за 48,4 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година. Во изминатите 10 месеци, извозот во земјите на ЕУ изнесувал нешто повеќе од 6 милијарди долари, што е за 30 отсто повеќе, во споредба со истиот период минатата година.

Меѓу трите производи кои БиХ највеќе ги извезувала се металите и производи од метали, електротехничка опрема и минерални материи.

Црна Гора со најголем извоз на алуминиум и струја

Црна Гора во периодот јануари-октомври оваа година остварила извоз од 612,6 милиони долари. Според податоците од црногорската официјална статистика, ова е раст за 70 отсто во однос на истите 10 месеци во последната година пред кризата, односно 2019 година.

Кога ќе се погледне структурата на извозот, нешто повеќе од половина е остварено само со два производи - извозот на алуминиум во вредност од 158,4 милиони долари и струја во вредност од 148 милиони долари. Интересно е што сегашниот извоз на алуминиум е речиси трипати поголем отколку во истиот период во 2019 година.

Највеќе алуминиум извезено е во Швајцарија, Луксембург, Хонг Конг и Италија. Исто така и извозот на електричната енергија е речиси трипати поголем отколку во истиот период во 2019 година. Меѓу другото, годинава Црна Гора извезувала и производи од дрво, лекови, месни производи, разни руди, како и пијалаци.

Албанија го зголеми извозот за 35 отсто

Во првите десет месеци од 2022 година, извозот на Албанија изнесува 404 милијарди албански леки (3,75 милијарди долари) со што бележи пораст од 35 отсто во однос на претходната година. Трговскиот дефицит е зголемен за 12,4 отсто во споредба со истиот период од 2021 година.

Според Државниот завод за статистика на Албанија (ИНСТАТ), земјата годинава највеќе извезувала текстил и обувки, машини, опрема и резервни делови, минерали, горива, како и електрична енергија.

Косово: Минерали и метали со најголемо учество во извозот

До октомври годинава вредноста на извозот на Косово достигна сума од 774,4 милиони евра (823,2 милиони долари). Оваа сума претставува зголемување од над 160 милиони евра (170,02 милиони долари) во однос на истиот период од 2021 година, покажуваат податоците на Централната банка на Косово. Минералните производи, базичните метали и производи од метал, разни готови производи, пластика, гуми и сродни артикли, преработена храна, пијалаци, тутун и билните производи се меѓу најизвезуваните производи од Косово.

TRT Balkan
Популарни